Поради тоа што сакавме да ја напуштиме коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, на Фијат Цаноски му се случи Глобал, а мене Музеј, вели претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска, по изјава на експремиерот, Никола Груевски дека таа всушност барала да го ослободи нејзиниот зет од притвор.
-Настрадаа шест невини луѓе, меѓу кои два члена од ДОМ, еден од нив мој зет за сестра, Перо Јосифовски, доктор по нумизматика и автор на вредни научни дела. Останатите беа исто така врвни стручњаци и посветени истражувачи на македонското културно наследство – рече Поповска.
Во прилог на нејзиното тврдење, таа хронолошки наведува неколку настани:
1. Во 2013 ДОМ настапи самостојно на локалните избори, доби 25.000 гласови, поднесе 36 жалби за изборни нерегуларности и се спремаше за самостоен настап на парламентарните избори во април 2014. За таа цел организиравме прослава на 8-години ДОМ на 16 февруари во преполна сала на МОБ и продолживме со промоција на Програмата;
2. По 10 дена, во зорите на 27 февруари, следеше нинџа-апсење на нашите членови и на останатите од „случајот“. Медиумите беа преполни со вести за „фатените крадци на артефакти“ од Музејот, со имиња и фотографии од луѓето, како и од „запленетите антички артефакти“ од претресот во домовите. Иронично и трагично е што беа прикажани грнчиња од Бит-пазар, сувенири од Австралија како лак и стрела, листови од дисертација со фотографии од монети и други глупости. Патем, уапсени беа токму оние што ја открија и пријавија кражбата во Музејот, во манирот на крадецот кој вика: фатете го крадецот;
3. На 23 март се одржа предизборна конвенција на Иванов за претседателски кандидат, на која се подели Отчет за сработеното од ВМРО-ДПМНЕ. На страна 154, во главата „Безбедност и внатрешни работи“, во набројаните успешни акции на МВР, стои: „Расчистена кражба во НУ Музеј на Македонија“, па се спомнуваат „виновниците“, меѓу кои и „поранешниот директор во музејот“, па некои небулози за најдени монети во нивните работни кабинети (а каде и би биле??) и сл. Значи, уапсените лица, без подигнато обвинение, а камоли судење, се прогласени за виновни и тоа е напишано и испечатено во стотици илјади примероци на партискиот Отчет. Школски пример за монтиран процес! Подоцна, во обвинението не се споменува ништо од ова, измислени се сосем други „дела“, а кражбата се води како од непознат сторител! Никој досега не ги побара ни крадците, ни украденото…;
4. ДОМ остана во коалицијата, со отворено спротиставување на редица владини предлози, како законите за високо образование и за просторно планирање, уставните измени против истополова брачна заедница и др. На Конгресот во декември 2014 усвои критички извештај за учеството во коалицијата и заклучок за самостоен настап на следните избори;
5) Во случајот „Музеј“ следеше незаконски и нечовечки притвор во страшното Ц одделение од 8,5 месеци до 2 години и 3 месеци, за кој тројца подоцна покренаа постапка во Стразбур и го добија случајот. Во меѓувреме беше изречена драконска пресуда од 31 година затвор, каде за повеќе лица од 7 до 9 години, како за сериски убијци! Перо Јосифовски ја доби највисоката казна, а пресудата беше донесена во март 2015, еден ден пред закажаната седница на Централниот одбор на ДОМ, на која одлучувавме за напуштање на коалицијата по штотуку слушнатите „бомби“. Инаку, јавно реагиравме уште по првата бомба. Оваа пресуда следуваше и по јавното соопштение на ДОМ со барање јавниот обвинител Зврлевски да си поднесе оставка и да се избере друг со консензус како почеток на разврска на политичката криза. Премиер беше Груевски, а монтажата на судскиот случај беше во рацете на „проверените“ судијки Моника Бахчовановска и Лидија Петровска, а кообвинителка Жаклина Јосифовска;
6. Следеше жалба и пресуда на Апелациониот суд во март 2016, со техничкиот премиер. Половината од пресудите паднаа, а остана по една пресуда за некое измислено „дело“ за секој обвинет, во траење колку што беше притворот и како оправдание за него. А пресудата на Врховниот суд е добиена само пред десетина дена и во неа на скандалозен начин е потврдена претходната пресуда. Не треба да се чудиме, потпишан е сеуште актуелниот претседател, Јово Вангеловски. Скандалозно велам, зашто образложението воопшто не се однесува на овој случај, туку на приказните од медиуми пред 4 години.