Секој треба да си ја направи својата работа во својот дел и на своја територија за да можеме да имаме резултат кој ќе обезбеди хуман третман, но и безбедна и сигурна ситуација во однос на справување со мигрантската криза, се согласиле на денешната средба министрите за надворешни работи на Македонија и на Австрија, Никола Попоски и Себастијан Курц.
– Колку мигранти ќе влезат во Македонија, зависи од тоа колку мигранти ќе бидат примени во земјите-членки на ЕУ. Колку што ќе биде тој број, точно толку ќе пуштиме да транзитираат низ РM. Австрија може да прими 37.500, таа истата бројка треба да се стави за капацитет за апсорбција во Германија, во Шведска и во сите други земји и на тој начин ќе се добие тоталниот број кој ќе определи колку луѓе ќе можат да поминат низ македонска териториј – појасни Попоски.
Шефот на австриската дипломатија Курц истакна дека Македонија мора комплетно да биде подготвена да го стопира влезот на мигранти во нејзините граници, со оглед на тоа што по Грција, таа е прва држава која се соочува со мигрантите.
– Се договоривме дека Австрија ќе даде поддршка и тоа не само персонал од редовите на австриската полиција и војска, туку истовремено и опрема, за да и се овозможи на Македонија на најдобар можен начин да се справи со предизвикот – рече тој.