Нам ни треба промена на матрица. Аргументот кој најчесто се користи е дека и оние пред тоа истото го правеа. Тоа кој што правел во минатото треба да заврши и треба да почнеме да размислуваме за тоа што ќе правиме утре и понатаму, порача поранешниот министер и актуелен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Попоски, на денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции (НСЕИ) на кој присуствуваа и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и известувачот за Македонија во ЕП Иво Вајгел.
-Веројатно тоа е можно бидејќи Македонија има капацитет. Граѓаните согледуваат што е добро, што не е добро и во кој правец треба да се движиме. Јас мислам дека имаме привилегија да ја зацврстиме Македонија и да и помогнеме да го смени менталниот склоп. Тоа носи одговорност не само за власта, туку и за опозицијата – порача тој.
Според него Македонија требаше да го почне скринингот уште во 2005 година, откако стана кандидат за Членство во ЕУ.
– Дете што се родило во 2005 година сега е полуматурант. Така и ние сега имаме полуматурант на кој треба да му го смениме менталитетот и матрицата за да не заглави уште повеќе на патот кон ЕУ. Имаме голема одговорност да не заглави матурантот уште повеќе. Нема причини за концерти и славење. Мораме да согледаме дека овие луѓе тука се малцинство, а во ЕУ мнозинството се неутрално негативни. Британците имаат верба во демократијата која ние ја немаме. Власта презентира слика на обединетост, а всушност прави што сака- рече Попоски и порача власта и опозицијата да си го сменат менталитетот и самите да направиме скриниг на институциите.
Тој предупреди дека истиот ден кога еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, ќе си замине, во Македонија ќе се одржи седница со кршење на деловникот и законите.
-Одговорност носат и власта и опозицијата. Опозицијата треба да понуди решение не само да седи. Шест месеци треба самите да си направиме скриниг за капацитетот на нашите институции. Заедно да седнат власта и опозицијата и да го сменат менталитетот – порача ексминистерот.