Поплавите ја загадија водата во Чешиново-Облешево, на жителите ќе им се дели пакувана вода

by Frosina Fakova

Жителите од населените места во општина Чешиново-Облешево чии домаќинства претрпеа штети при минатонеделните поплави, бесплатно ќе добијат пакувана вода за пиење.

Со оглед што се работни за рамничарски населби во кои населението главно се снабдува од сопствени пумпи и бунари, локалната самоуправа сака на овој начин да спречи евентуални здравствени проблеми од загадувањето на подземната вода.

-Поради загаденост на локалните извори за водоснабдување, Општината обезбеди доволни количини пакувана вода што ќе им бидат поделени на жителите. Водата ќе може да се подигне в четврток на два пункта, и тоа во 10 часот во просториите на јавното комунално претпријатие во Облешево и во 12 часот во паркот во село Чешиново, информираа од локалната самоуправа.

Покрај снабдувањето со вода за пиење, што е најприоритетно за локалното население, од Општина Чешиново-Облешево потсетуваат дека тече и рокот за поднесување пријави до Комисијата за проценка на штети од поплавите, за да може да се обезбеди обесштетување.

Поврзани новости