Екипите на Градот Скопје и на јавните претпријатија вчера интервенираале кај подзвозникот кај стоковната куќа „Мост“, на подвозникот на улицата „Павел Шатев“ (поранешна „Бихачка“) и на подвозникот на булеварот „Киро Глигоров“, информираа денеска од градската администрација.
Во исцрпувањето на водата интервенираале екипите на „Водовод и канализација“ и на Противпожарната бригада, и поплавените подвозници биле проодни за помалку од еден час. На повеќе локации во градот силниот ветер искршил и турнал повеќе дрвја и гранки, пришто екипите на „Паркови и зеленило“ интервенираа на 25 локации.
Во вчерашните активности на Градскиот штаб за заштита и спасување се вклучиле повеќе од 250 лица, а на терен делуваале со повеќе од 50 возила. Градскиот штаб за заштита и спасување, велат од администрацијата на Коце Трајановски, ја следи состојбата на терен и ќе интервенираат на сите локации каде што ќе има потреба.