Интензивен дожд во Тетово и околината попладнево и вечерва поплави повеќе „критични точки“ во Тетово, на кои има проблеми при секои поголеми врнежи.
Зголемен е бројот на повици до противпожарната служба и до општинските установи за интервенции поради поплавени улици, куќи и дворови, објави порталот „Тетово инфо“.
Тетовските пожарникари попладнево извлекоа комбе со 11 патници, заглавено во вода кај подвозникот во селото Желино.
Повеќечасовниот дожд, кој и натаму паѓа вечерва, го поплави и булеварот „Благоја Тоска“ кај кружен тек покрај касарната.
Полицијата ги пренасочува возилата да одат по други улици. Од ТППЕ Тетово информираат дека имаат повици за интервенции во Мала и Голема Речица, каде се испумпува вода од поплавени куќи и нивните дворови и подруми.