Пописот завршува во 20 часот, непопишаните да се попишат на пунктовите

by fokus

Долгоочекуваната статистичка операција која во државава се очекуваше речиси 20 години финишира и во тек се последните теренски проверки за попишување на оние домаќинства кои од разни причини не биле опфатени досега. Вечерва во 20 часот ќе биде затворена апликацијата за попишување во земјата, но и апликацијата за самопопишување на дијаспората, информира Државниот завод за статистика.

Во поголемиот дел од општините низ државата теренските активности се завршени и таму се одвиваат технички активности на раздолжување на попишувачите.

Во одредени средини, попишувачите се на терен и се уште посетуваат домаќинства за никој на да не биде испуштен.

– Ова се изолирани случаи во кои попишувачот не успеал да оствари контакт со граѓаните и да ги попише и затоа Државниот завод за статистика апелира до сите граѓани кои се сè уште непопишани, да ги посетат пунктовите во своите општини и да се попишат. Исто така, и во зградата на Државниот завод за статистика, на ул.Даме Груев бр.4, постои пункт каде што можат да се попишат лица од целата територија на град Скопје, информираат од ДЗС.

Денеска е последниот ден од Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година. Остануваат уште неколку часа во кои ќе се одвиваат последните проверки на теренот и во 20 часот ќе можеме да објавиме дека конечно, после 20 години, Државниот завод за статистика успешно ја реализираше најголемата статистичка операција, се вели во соопштението од ДЗС.

Поврзани новости