Пописот 2021 во Северна Македонија ќе се спроведе со нова методологијата која првпат ќе се применува кај нас и која во еден дел вклучува и електронски попис. Овој комбиниран модел е познат во светската пракса и е во согласност со препораките на ОН и Евростат, напиша денеска премиерот Зоран Заев на Фејсбук.
Премиерот посочува дека со вкрстување на податоците што ќе се добиваат од електронските прашалници на терен со податоците од базите коишто веќе постојат во државата, како, на пример, оние на МВР и на Фондот за здравство, ќе имаме целосен преглед за податоците кои се неопходни, но, не се опфатени со електронските бази.
– Тоа значи дека електронскиот попис веќе е дел од севкупната методологија на статистичката операција – Попис 2021, кој заедно со теренското попишување ќе обезбеди заокружен процес за целосна успешност на најважната статистичка операција како основа за идните развојни програми на државата.
Само електронски попис нема да е доволно за да имаме комплетни податоци какви што се потребни според Евростат и меѓународните стандарди, затоа што одреден дел од податоците од електронските бази не ја даваат комплетната и прецизна слика, напиша Заев.