Попишани се 1,9 милиони лица

by fokus

Апликациите за попишување во земјата и за самопопишување на дијаспората се затворени вечерва во 20 часот, со што заврши пописот на населението, домаќинствата и становите.

Задоволен што успеавме да го реализираме пописот и покрај сите проблеми со кои се соочивме, изјави министерот за правда Бојан Маричиќ, посочувајќи дека бројката на попишани граѓани е околу 1,9 милиони.

-Честитки до Заводот за статистика, бидејќи направија максимални напори повеќе пати да отидат на некои места и да ги убедат граѓаните да се попишат. Навистина е мал бројот на граѓаните кои не се опфатени или одбиле да се попишат. Тие кои не се опфатени, ако ги има, се на граница на статистичка грешка и тоа се случува во речиси сите држави – рече Маричиќ на Канал 5.

Во однос на продолжување на пописот, тој истакна дека оставаат на ДЗС да кажат дали има потреба или не. Според него, со оваа бројка на попишани граѓани нема потреба Законот повторно да се врати во Собрание и да се расправа за него.

Инаку, Државниот завод за статистика во следните неколку дена треба да ги направи последните проверки и сумирање на податоците, а официјалните резултати од пописот треба да ги објави најдоцна за шест месеци.

Поврзани новости