Очекувањата на дел од луѓето дека бројноста на определени националности ќе се намали со пописот и преку пописот, па на тој начин да се намалат правата на националностите е ирационален, исто како што е ирационален и другиот пристап дека со бројноста ќе се зголемат и правата на националностите
Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ
Се спроведе и пописот во Македонија, онака како што сè се спроведува овие три децении во државава, површно, импровизирано, аматерски и со сомнителна точност на податоците и резултатите.
Од демографска и статистичка операција, пописот стана национално и политичко прашање, прво, затоа што кај нас сè е поврзано со политиката, политиката е секаде навлезена, и второ, затоа што определени граѓански права се обоени национално и верски, што е недозволиво.
Бројноста на стадото кај нас го определува обемот и видот на правата, што е непознато за современиот и цивилизиран свет. Но, далеку сме ние од тоа да сме цивилизирано и современо општество, но како се одвиваат работите прашање е дали сме, воопшто, општество.
ДАЛИ СМЕ ОПШТЕСТВО?
Ако општеството е дефинирано како група луѓе што живеат и работат заедно во систем на меѓусебни врски и односи, тешко можеме вака како што се одвиваат работите, да се наречеме општество.
Прво, ние не живееме заедно, туку живееме едни спроти други, длабоко поделени и спротивставени по национална, верска, политичка и секаква можна основа. Ние и не работиме заедно, туку работиме, упорно и предано, едни против други, според истата поделба, а најмногу сите работиме против самите себеси. Со самата поделеност, меѓусебните врски и односи се врски на нетрпеливост, омраза и нетолерантност.
Не постои прашање од јавен, државен или од општествен интерес по кое имаме заеднички став и по кое сме сплотени и постапуваме заеднички во реализација на истото. Единствено вака разединети, раскарани, нетолерантни и огорчени, работиме заеднички на разградување и разнебитување на државата и општеството.
Пописот не успеа да убеди никого во бројот на населението, националната структура, а да не зборуваме за статистичките податоци кои се битни за секој попис, и тоа за основните географски, демографски, социо-економските, етнокултурните и други карактеристики на сите основни единки на пописот – лица, домаќинства и станови.
На пописот беа користени некакви сомнителни и неточни податоци на МВР и УЈП, во кои не постои професија адвокат, туку сите адвокати беа запишани како социјални работници. Којзнае колку професии ја имале истата судбина на пописот и којзнае кои сè податоци ја имале истата судбина. Впрочем, попишувачите што го вршеа пописот на терен веќе имаа податоци од базите на МВР и УЈП, па за тие податоци и не ги прашуваа граѓаните и грешките што се направени, не беа исправени.
НЕКАДАРНИ ЗА ПРЕБРОЈУВАЊЕ
Не сме кадарни, ниту самите да се преброиме, ниту сме кадарни нешто правилно да спроведеме во државата, ама сме кадарни да се караме, политизираме и да се обвинуваме.
Не е пописот виновен за состојбите во општеството, политичките договори и поткусурувања, не ги регулира пописот граѓанските права, ниту обемот на правата на малцинствата. Тоа го регулира Уставот и законите, во кои е преточен Охридскиот рамковен договор и другите политички пазарења и договарања.
Очекувањата на дел од луѓето дека бројноста на определени националности ќе се намали со пописот и преку пописот, па на тој начин да се намалат правата на националностите е ирационален, исто како што е ирационален и другиот пристап дека со бројноста ќе се зголемат и правата на националностите.
Таквиот пристап е нецивилизиран, деструктивен, ретрограден и погубен за секоја држава во која живеат повеќе национални и верски заедници. Правата и слободите треба и мора да бидат основно право на секој човек и граѓанин и на него да му припаѓаат како единка, а не да зависат од националната припадност и бројноста.
Само со создавање и градење граѓанско општество, во кое во центарот ќе биде граѓанинот, е можно надминување на сите состојби и поделби во општеството.