Поп пејачите да не стојат на страна, да се вклучат со хуманост за болниот Момо – апелира Ливрински

by Fokus

-Не само фолк пејачите, туку и оние од забавната сцена да се вклучат во акцијата за помош на нашиот колега, Момо Николоски, кому му е потребно скапо лекување во странство. Да не се делиме и по основа на музички жанр, бидејќи Момо во минатото пееше и забавни песни, сетете се на сите негови учества на Сплитски и на други забавни фестивали во времето на Југославија – вели музичарот и композитор Сашо Ливрински, кој е иницијатор на голем хуманитарен настан, со цел да се собере доволно помош за лекувањето на Николоски.

Во телефонски разговор за „Фокус“ тој открива дека веќе се воделе разговори со одговорни лица од Радио Роса и се правеле планови околу голем хуманитарен настан.

-Сите колеги, музичари, кои имаат интерес да се вклучат во настанот, слободно нека ме побараат. Момо има богат репертоар, за сите години на сцената тој ни остави многу песни, би било добро кога на концертот би се пееле неговите хитови. Се надевам дека од Радио Роса ќе ни излезат во пресрет, но и дека фолк и поп естрадата ќе се сплотат. Нема тука место за поделби, тој е наш колега и сите мораме да помогнеме на наш начин, со музика – порача музичарот.

Вчера, сопругата на Николоски, Валбурга, ни откри дека фолк пејачот има канцер на желудник и веќе се оперирал, но при операцијата се дошло до лош наод, карцином со абдоминални метастази.

-Докторите предлагаат хемотерапија и се друго што може да го понудат понапредни болници во Берлин и Истанбул. Чекаме уште два битни резултати од биопсиите, но времето работи против нас, па се лекуваме и со скапи алтернативни методи. Сумите кои ни ги бараат се движат од 10.000 евра до недостижни плафони. Се наоѓаме во хаотичен период со испланирани секунди во текот на секој ден, а луѓе постојано пишуваат и се јавуваат да дадат морална поддршка, за што сме многу благодарни. За жал, во овој момент не ни даваат мобилни опции за помош, бидејќи во формуларите се бара потврда од странска болница дека таму ќе се оперира и фактура со точниот износ на операцијата. Ние такви податоци не можеме да обезбедиме, затоа што методите можеби и нема да вклучат операција, туку ласерски пристапи или матични клетки- ни изјави Валбурга Батева Николоска.

Бројот на сметката за донации на Момо Николоски деновиве најчесто ја споделуваат на социјалните мрежи неговите колеги од фолк естрадата. Дел од нив, со кои што разговаравме, велат дека чекаат точни детали околу тоа кој и што би организирал, и веднаш, без двоумење би прифатиле да настапат хуманитарно за својот колега.

Вики Клинчарова

Поврзани новости