Грчкото правосудство отвори кривична постапка за перење пари и проневера против православен свештеник, основач на најголемата грчка невладина организација која се грижи за сиромашните деца и против неговата сопруга.
По истрагата која траела повеќе од една година, сопругата на свештеникот, одговорна за невладината организација „Кивотос ту Косму“ (Ковчегот на светот), се гони за измама, проневера и перење пари, додека нејзиниот сопруг, свештеникот Антониос Папаниколау, се гони за поттикнување на тие кривични дела.
Тие се соочуваат со казна затвор од 10 до 20 години.
Според грчката новинска агенција АНА, извештајот од истрагата покажува дека парот имал значителни неоправдани трошоци во име на нивната организација, како што се купување на недвижен имот во Епир, на северот на Грција и повлекување на два милиони евра од средствата на НВО, кои не биле искористени за организацијата.
Во станот на невладината организација што го користел таткото Антониос биле пронајдени разни предмети, часовници и накит во вредност од 470.000 евра, додека, според истиот извор, од касата на невладината организација исчезнале 300.000 евра.
Истрагата за измама и обвиненија за насилство и сексуална злоупотреба беше покрената во ноември 2022 година против таа водечка грчка невладина организација која има домови за напуштени деца или деца од сиромашни семејства во Атина и други градови.
Истрагата за наводната злоупотреба на деца се уште е во тек.
На отец Антониос, кој ги негира сите обвиненија, во април кривичниот суд во Атина ќе му суди за насилство и сексуална злоупотреба.