Понижени животи

by Fokus

Духовните вредности го изгубија своето значење, а трката по пари и материјалното богатство стана налудничава и безумна. Во таа трка, која се одвива на сите можни нивоа од државното до личното, моралот и моралните вредности го изгубија своето значење. Се стана дозволено , ненормалното стана нормално и оправдано кога се во прашање парите и добивката.

Пишува: Ѕвонко Давидовиќ

Не постои нешто подрагоцено, поволшебно, помистично и позагадочно од животот. Сe што можеме да замислиме и помислиме е создадено и направено да биде во функција на животот, негова заштита или олеснување.

Уставите, законите, државните системи и устројства се смислени и замислени да бидат во функција на животот и неговото опстојување и продолжување, негова заштита. Правото на живот е највисоко загарантирано и заштитено уставно право, а изрекување на смртна казна е одамна забрането.

Но дали навистина го почитуваме животот и прокламираните определби во пракса?

Целокупната човечка историја се сведува на војни и освојувања, поробувања и разорувања на се што до тој миг било создадено, на изгубени или разорени животи. Со текот на времето не само што не сме напредувале кога е во прашање животот туку сме назадувале.

Точно е дека се измислени и направени безброј апарати који му го олеснуваат секојдневниот живот на човекот,  но истите тие пронајдоци и апарати ги направија луѓето зависни, мрзливи и ранливи. Наместо натпревар на умови, знаење и интелигенција денешното општество условува натпревар на материјалното потикнувајќи го потрошувачкиот менталитет на максимум.

Од таквиот потрошувачки менталитет најголема корист имаат банките кои остваруваат енормен профит и создаваат еден вид на модерно ропство. Дури и здравството како област, а со тоа и човечкото здравје, стана услуга која се купува и продава, квалитетот на услугата стана зависен од пари особено со приватизирањето на здравството. Состојбата е иста или слична и во другите области каде животот и неговиот квалитет и должина зависат од материјалното и парите.

НЕНОРМАЛНОТО СТАНА НОРМАЛНО

Духовните вредности го изгубија своето значење, а трката по пари и материјалното богатство стана налудничава и безумна. Во таа трка, која се одвива на сите можни нивоа од државното до личното, моралот и моралните вредности го изгубија своето значење. Се стана дозволено , ненормалното стана нормално и оправдано кога се во прашање парите и добивката.

Самилоста, солидарноста, сочуствителноста, братството, човечноста станаа само празни зборови и фрази во устата на лажливите политичари, а очите и срцата на луѓето се затворија за туѓата мака, тага и несреќа.

Семејство стана само празен збор на хартија и прекина да биде основна клетка на општеството, традицијата и традиционалните вредности се исмеваат и омаловажуваат, а изопаченоста стана нормална и се слави.

Во една таква состојба на општеството и умот, животот стана безвреден и маргинален, гол и условен од статусот или парите. Се повеќе луѓе се сиромашни и не можат да си го дозволат ниту најнеопходното за нормален живот, стотици луѓе дневно умираат од глад во 21-от век во општество кое лицемерните го нарекоа цивилизација.

Тешко можеме да зборуваме за цивилизациски вредности и животот како највисока вредност по настаните и изгубените животи во Југославија, Иран, Либија, Сирија, Украина… Тешко да можеме да зборуваме за живото како највисока вредност по се она што се случува деновиве во светот, по начинот на кој се владее со државите и народот, по начинот и условите во кои живееме. Со сета брутална и налудничава стварност , со менталната изопаченост, отуѓеноста на луѓето и од природата и едни од други, сите гробови и животи се понижени.

Цивилизациските вредности се само парола, мртви букви на хартија, а животот стана игра за будалите, комедија за богатите, а трагедија за сиромашните.

Поврзани новости