Поништување на амнестијата за Хашките случаи и истражување на досиејата кои меѓународниот суд на правдата во Холандија ги испрати до македонските судови. Ова го побарала комесарката за човекови права во Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ во писмото до владата во Скопје на 15 јануари.
„Да се отповика автентичното толкување во 2012 година на Законот за амнестија од 2002 година и да се истражат досиејата кои што беа трансферирани од Хашкиот трибунал на домашните судови“, се вели во препораките на Мијатовиќ, во писмото до македонската влада од 15 јануари, што вчера го објави Советот на Европа.
Станува збор за четири случаи насловени како „Водство на ОНА“, „Липковска брана“, „Гробница Непроштено“ и „Мавровски работници“. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ во 2012 година со гласање за автентично толкување на Законот за амнестија од 2002 година, одлучија да престане кривичното гонење на одговорните за четирите случаи.