Владата ја поништи одлуката за изградба на асфалтна база во индустриската зона Визбегово, имајќи ги во предвид аргументите на граѓаните и бизнисот дека тоа е штетно, информираше првиот вицепремиер и министер за екологија Изет Меџити, додавајќи дека за овој случај ќе се бараат други решенија.
Тој денеска ја посети локацијата каде беше предвидена изградбата на асфалтната база, каде, пред дел од стопанствениците и жителите на оваа населба, порача: „Тука сме да покажеме дека знаеме да ги чуеме граѓаните и бизнисот“.
–Како Влада ги имавме предвид аргументите и одлучивме тоа да се поништи како решение, да се бара друго. Ние сме пробизнисот, но не по цена на здравјето и природата – изјави Меџити, додавајќи дека ќе имаат почести состаноци со стопанствениците, за да разговараат и околу други институционални проблеми, како на пример патот и пристапот до економската зона Визбегово.
Имајќи предвид дека случајот со изградбата на асфалтна постројка во Визбегово предизвика големо внимание во јавноста, поради серијата протести, блокади, како и контрареакции, неделникот „Фокус“ ја обработуваше оваа тема. Притоа, обезбедивме обемна документација и воедно побаравме и добивме одговори од надлежните и засегнатите страни. До какви податоци и сознанија дојдовме?
(ГАЛЕРИЈА+ВИДЕО) Асфалтна база во Визбегово: Борба за колективно здравје или за законски права?!
Како инвеститор на најновата асфалтна база се јавува градежната компанија „Топ Билд“, која лани го купила плацот, додека на почетокот на оваа година добила одобрение за градење од страна на Општина Чучер Сандево, во чии територијални граници влегува парцелата. Откако оваа дозвола станала правосилна, компанијата почнала и со градежни активности. Иако инвеститорот успеал да изгради бетонска плоча, сепак, никогаш не успеал да почне со монтажа на асфалтната база.
Имено, сопственици на фирми и објекти во Визбегово, во организација на Здружението на стопанственици од индустриска зона Визбегово, организираа протести, па дури и физички ја блокираа изградбата на асфалтната база, предупредувајќи дека производството на асфалт му наштетува на колективното здравје и предизвикува карционом и редица други болести.
Патем, на протестите тие испорачаа обвинувања дека Општината не смеела да издаде одобрение за градење, бидејќи асфалтните бази не спаѓале во лесна, туку во тешка загадувачка индустрија. Дури, тие тврдат дека елаборатот за заштита на животната средина бил изработен со наштелувани податоци, со цел да се добие позитивното решение од Министерството за животна средина, без кое не може да се издаде дозволата за градење.
Додека тие ја блокираа изградбата на асфалтната база, барајќи преиспитување на елаборатот за животна средина, чие евентуално пропаѓање би го довело до прашање и одобрението за градење, инвеститорот се жалеше дека трпи голема деловна штета. Според нив, ваквите активности го поткопуваат владеењето на правото и принципот на предвидливост во работењето.
Тогаш, се обративме и до Министерството за екологија на чело со Меџити, кој уште претходно изјави дека асфалтните бази „можно е да се канцерогени“, за денес да информира дека одлуката за изградба на овој објект е поништена. Но, пред околу 4 месеци од неговиот ресор го добивме следниов одговор:
„Во Елаборатот за заштита на животната средина се наведени техничките карактеристики на асфалтната база модел „BE TOWER 1500“, и сертификатот за стандардите за квалитет на животната средина на базата.
Согласно сертификатот за животна средина, кој го издава производителот на инсталацијата „MARINI FAYAT GROUP“, емисиите на гранични вредности ги задоволуваат барањата на Правилникот за граничните вредности за дозволените ниво на емисии и видови на загадувачки супстанци во отпадните гасови и пареа кои емитираат стационарните извори во воздухот.
Согласно Законот за животна средина и подзаконските акти не предвидуваат ревизија на одобрени елаборати за заштита на животната средина. Податоците кои се доставени во елаборатот за животна средина се потврдуваат со Изјава со која под морална, материјална и кривична одговорност и инвеститорот потврдува дека податоците се вистинити, точни и комплетни.
Емисиите на гранични вредности кои се доставени со сертификат за животна средина, кој го издава производителот на инсталацијата „МАРИНИ ФАЅАТ ГРОУП“ и понатака потребно е да се потврдат со мониторингот на воздух кој ќе биде утврден во А-интегрираната дозлова“.
Токму овој елаборат за животна средина е во директна корелација со одобрението за градење, бидејќи тоа претставува еден од предусловите, односно неопходните документи за да биде издадено одобрението. Затоа, се обративме и до Општината Чучер Сандево, од каде добивме одговор дека „видот на градбата која е предмет на барање на „Топ Билд“ се однесува на асфалтна база и тоа е во согласност со намената на земјиштето“.
Искомунициравме и со инвеститорот „Топ Билд“, од каде што тврдат дека цел проект за изградба асфалтна база е кристално чист. Како што посочуваат, за ниту една асфалтна база, освен ако не е во заштитено подрачје или во национален парк, не се бара студија, која предвидува јавни расправи. Туку, нагласуваат од таму, се бара и доставува елаборат, како што е направено во случајот и при што се наведени сите најбитни објекти од опкружувањето, по што е добиено и одобрение за градење.
„Опремата е набавена од компанијата „Марини“ од Алфонсине во Италија, која е дел од „Фајат Група“ од Бордо, Франција. Оваа групација на годишно ниво бележи приходи од скоро 6 милијарди евра, што е отприлика колку годишниот буџет на Македонија, и вработува околу 24.000 луѓе во ЕУ. Впрочем, половина од патиштата, булеварите и улиците во државата се асфалтирани со опрема од овој производител и групацијата на која припаѓа“, велат од компанијата.
Од таму ни доставија и документација, од која составен дел се документи поврзани со постапката за добивање на одобрението за градење. Тоа ги подразбира сите неопходни документи што се потребни за издавање на дозволата, така што, покрај решението за одобрување на фамозниот елаборат за животна средина, спаѓаат и редица други позитивни мислења, заедно со ревидираната проектна документација, извод од урбанистички план, (пред)договор за купопродажба, имотен лист…
Покрај останатото, Министерството за животна средина во ноември ланската 2023 година издало решение со број УП1/-11/4-1648/2023 за одобрување на елаборатот за животна средина за асфалтната база „BE TOWER“, кој бил изработен од страна на друштвото „Еко Енерџи Агри Дизајн“. Како што се наведува во решението што го поседуваме, од доставената документација констатирано е дека изградбата на овој објект „нема да има значителни влијанија врз животната средина“.
Во меѓувреме, добивме одговори и од Здружението на стопанственици од Визбегово, од каде велат дека постројките за производство на асфалт од секогаш биле контроверзна тема, која е поврзана со загадувањето на околината, како и со намалувањето на вредноста на околните имоти и нарушување на квалитетот на живот во околината на ваквите постројки.
„Во рамки на борбата за чист воздух и здрава животна средина, ги имаме покренато сите правни капацитети на здружението. Правниот тим има изнајдено бројни недостатоци во постапката за добивање дозвола за градба и продолжува да работи на истражување на понатамошни сомненија за неправилности во постапките, како и за коруптивни дејствија со кои се обезбедени одобренија што придонеле до ваквата ситуација. За сите сознанија до кои дошла индустриската зона се известуваат и ќе бидат известувани надлежните органи“, велат од Здружението.
Влатко СТОЈАНОВСКИ