Американскиот државен секретар Мајк Помпео најави дека во наредните денови претседателот Доналд Трамп „ќе преземе акција“ против кинеските апликации, вклучувајќи го и „Тик-Ток“.
Трамп претходно изјави дека разгледува многу алтернативи за видео-апликацијата ТикТок на кинеската фирма „Бејт денс“ и најави можна забрана.
-Го набљудуваме ТикТок. Можеби ќе ја забраниме ТикТок. Можеби ќе направиме и други работи, iизјави Трамп.
Изјавата на Трамп предизвика загриженост кај голем дел корисници на апликацијата, која е позната по кратките видеа.
Помпео ја посочи апликацијата како ризична за америнската безбедност и за приватноста на Американците.
-Се надевам дека американскиот народ ќе сфати дека овој тип на апликации пренесува податоци директно до Кинеската комунистичка партија. Ве уверувам дека одлуката на претседателот ќе биде во насока да се сведат ризиците кон американскиот народ на нула, рече Помпео.
Тик Ток е во сопственост на кинеската интернет компанија БејтДенс, чија вредност се проценува на 100 милијарди долари. Компанијата ги негираше обвинувањата дека е контролирана од кинеската влада или дека ги споделува податоците со неа.
Њујорк тајмс претходно објави дека компанијата Мајкрософт наводно преговара за купување на Тик Ток.