Специјалната обвинителка Катица Јанева и седумината обвинители од нејзиниот тим денеска не се појавија на закажаната седница во Советот на јавни обвинители, каде што требаше да дадат заклетва или свечени изјави, за новите функции во Специјалното обвинителство.
Ваквата одлука е поради повикот на обвинителката Јанева да не ја дадат заклетвата, бидејќи Советот не ги избра и преостанатите седум предложени обвинители. Претседателот на Советот на обвинители, Петар Аневски истакна дека утрово во 10 и 30 часот добил допис од министерот за правда Аднан Јашари и прилог од четирите најголеми политички партии во кој се наведува да се изберат и преостанатите седум обвинители.
Аневски кажа дека дописот го испратил до специјалната обвинителка Јанева, од каде што очекува нејзино мислење. Тој останува на ставот дека на специјалнта обвинителка и се доволни седум помошници, но нагласи дека не знае како ќе гласаат останатите членови на Советот, кој вкупно ги има 11. Веќе во текот на утрешниот ден, Советот има закажано седница на која ќе биде познато дали ќе бидат изберени и останатите обвинители.
-Ние кажавме дека на обвинителката и се доволни 7 обвинители, бидејќи јавните обвинителства веќе се соочуваат со недостаток на 50 обвинители, па сега да ги прелеваме, нема логика. Веќе кажав дека одредени обвинителства се пред колапс, па затоа е неопходно да се измени Законот за јавни обвинители, истакна Аневски, кој додаде дека за дел од останатите седум кандидати постоел судир на интереси, посочувајќи ја обвинителката Лиле Стефанова, за која потсети дека веќе работи на случајот „Пуч“.
Претседателот на Советот истакна и дека го почитува Законот за специјалното обвинителство, но се повикува и на Законот за јавни обвинители, според кој Советот го определувал бројот на обвинителите во било кое обвинителство.