Нашата претставничка на Детска Евровизија, Мила Москов, заедно со евровизиската делегација вчера се врати од Полска, каде што го освои шестото место.
Младата прилепчанка веднаш по промоцијата на песната ,,Оган” стана еден од фаворитите на настанот и високо котираше во обложувалниците. Сепак, првото место на манифестацијата го однесе домаќинот, Полска, а од нашиот евровизиски тим велат дека се задоволни со постигнатиот успех и горди се на Мила.
-Со оглед на околностите, целиот настап излезе многу добро – раскажува за ,,Фокус”
Раде Спасовски, шеф на нашата делегација за Детска Евровизија. Вели дека тимот е благодарен на големата поддршка која што ја добила Мила буквално од сите страни на светот, и појаснува со што се соочила целата екипа само десет дена пред одржувањето на настанот.
-За време на една од пробите Мила го повреди коленото на десната нога. Се работи за повреда која не натера да го смениме целиот концепт, односно целата кореографија, бидејќи повредената нога на Мила и беше имобилизирана со лонгета. Истата ја носеше за време на пробите, но и за време на евровизискиот настап. Самото тоа што таа не можеше да се движи и да танцува, како што претходно беше планирано, бараше целосна промена на сценскиот настап. Но, и покрај тоа што Мила стоеше на едно место додека настапуваше, се излезе добро, таа вложи големи напори за да не претстави достоинствено – вели Спасовски.
-Задоволни сме, но секогаш може и подобро. Сметам дека поради системот на гласање ни беа намалени поените, но поддршката која што ја добивме ни значи многу и е показател дека со Мила направивме одличен избор. Позитивните коментари на социјалните мрежи зборуваат доволно – тврди шефот на делегацијата.
Околу тоа колку средства од буџетот беа одвоени за настанот, вели дека ги нема точните бројки, но станувало збор за сума од околу 20 илјади евра.
-Во таа сума е вклучено се. Котизацијата, билетите за сите шест лица кои бевме во Полска, сместување, гардероба, сценски настап, сите подготовки. Шпекулациите за суми од стотици илјади евра се неосновани, ние поминавме скромно, но сепак имавме успешно претставување на настанот – ни изјави Спасовски.
Мила беше избрана да не претставува во Полска на шести јули во студиото М-3 на македонското радио, каде се одржа аудицијата за избор на претставник на Јуниорската Евровизија 2019.
Се пријавиле 19, а настапиле 18 кандидати кои отпеале по две песни по свој избор. Комисијата која ја избра Мила беше во следниот состав – Мери Попова, Маја Трпчановска и Розета Арсова.
Според соопштението на МРТ, Мила покажала дека има голем талент и одлични гласовни способности, по што едногласно била избрана. Спасовски вели дека начинот на избор на нашиот претставник се покажал како добар, бидејќи секое дете ја има шансата да се пријави и не се создаваат трошоци за родителите. Додава дека нема најави во иднина да се менува начинот на избор на претставник на Детска Евровизија. Носител на лиценцата за Јуниорски Евросонг е МРТ.
Вики Клинчарова