Помина на Влада предлог-буџетот за 2024 година, ќе тежи 5,5 милијарди евра

by Fokus

Предлог-буџетот за идната 2024 година денеска помина на владина седница. Претставниците на Владата го окарактеризираа како развоен и одржлив Буџет кој ги има сите карактеристики за истовремено да го поддржи развојот, но и да ја обезбеди фискалната одржливост.

Расходната страна е проектирана на 343,6 милјарди денари или за 5,8 проценти повисока во однос на 2023 година, а приходите на 310,1 милијарда денари и се повисоки за 10 проценти.

Буџетскиот дефицит е за околу 9,2 милјарди денари понизок во однос на 2023 година што, според Владата, ќе значи помало задолжување за 150 милиони евра.

Стапката на инфлацијата во 2024 година се очекува да се стабилизира и е проектирана на 3,6 проценти во услови на одржување на стабилно ниво на цените на енергенсите и храната на меѓународните пазари, како и понатамошно забавување на базичната инфлација.

Премиерот Димитар Ковачевски рече дека „Предлог-Буџетот за 2024 година е одговор на потребите и состојбата во која се наоѓа македонската економија“.

Со него се гарантира редовна исплата на платите, пензиите и социјалната помош, како и подмирување на другите потреби на граѓаните и сервисирање на обврските на државата.

– Буџетот за 2024 година ќе биде столб на економското заздравување, а понатаму и на забрзување на растот. Тој ќе обезбеди фискална одржливост преку понатамошно спроведување на процесот на фискална консолидација. Буџетот ќе биде добра основа за зголемена и забрзана реализација на инфраструктурните проекти, привлекување на странски инвестиции, иновативност на домашните компании, поддршка на домашната економија, приватниот сектор и граѓаните, како и интензивирање на конвергенција на Република Северна Македонија кон ЕУ. Исто така, тој ќе овозможи редовно и непречено извршување на сите законски обврски, вклучително и обврските кои произлегуваат од членството во НАТО – рече Ковачевски.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, пак, рече дека буџетот е изработен во извонредно тешки глобални времиња кога е тешко да се предвидат работите.

– Целиот предизвик беше дали со овој раст ќе се зголеми дефицитот. Покрај растот, одиме со понизок дефицит од 150 милиони евра, рече Бесими.

Во делот на приходите, вкупните даночни приходи се проектирани во износ од 178,1 милијарди денари, што е за околу 10 проценти над износот на приходи планиран за 2023 година. Најголем пораст е планиран кај приходите од данокот на личен доход кои се проектирани на 31,1 милијарди денари, што претставува раст од 17,4 проценти во однос на годинава. Приходите од данокот на добивка се проектирани на ниво од 19,5 милијарди денари, приходите од данокот на додадена вредност на ниво од 80,7 милијарди денари, а приходите по основ на акцизи е предвидено да изнесуваат 31 милијарда денари.

– Главната цел на даночната политика е постигнување на одржлив економски раст и развој и фискална консолидација на јавните финансии на среден рок, притоа обезбедувајќи правна сигурност за даночните обврзници и редовна наплата на јавните приходи. Приоритети се поголема праведност во оданочувањето, поголема ефикасност и продуктивност на даночниот систем, зголемена даночна транспарентност, подобар квалитет на услугите – рече министерот Бесими.

Поврзани новости