Додека дел од опозицијата и од албанскиот политички блок изразуваат увереност или оптимизам дека власта ќе ги донесе уставните измени за внесување на Бугарите во Преамбулата, од кои зависи отворањето на преговарачките поглавја со ЕУ, премиерот Христијан Мицкоски засега не дава никакви сигнали дека тој и неговата ВМРО-ДПМНЕ би влегле во таков процес под моменталните услови и околности.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Како што рече Мицкоски во вчерашното интервју на Канал 5, унгарскиот премиер Виктор Орбан, во својство на претседавач со ЕУ, имал идеја и обид да организира билатерален состанок меѓу него и бугарскиот претседател во Будимпешта, со цел, како што рече, двете страни да разговараат дали можат да најдат заеднички јазик и да видат дали можеме да ги почнеме преговорите со ЕУ.
–Очигледно не е решено ова прашање, да беше решено досега ќе беше затворено. Договорено е тоа што е напишано на договор, а не на предлог. На договор никаде не пишува дека ние треба да го промениме Уставот за да влезат неколку стотина наши сограѓани кои се дел од бугарската заедница.
(Стево) Пендаровски и (Димитар) Ковачевски за жал прифатија нешто што не испорачаа, со што не засрамија и ги засрамија во ЕУ. Знаете што ми велат од таму? Ми велат сите соговорници – ние го поддржувавме тоа зашто вашите не убедуваа дека ќе испорачаат по принципот на Преспа, за уши ќе влечеле повторно пратеници и ќе обезбеделе 80. Еве не успеаа и сега што правиме?
На памет не ми паѓа да давам гаранција за нешто за што не сум сигурен дека ќе го испорачам, на памет не ми паѓа. Мојот став е јасен. Имаме „француски предлог“, од тој предлог ние зборуваме за еден дел, а тоа е делот дел од бугарската заедница да влезе во нашиот Устав. Тоа го прифатија овие двајца (Пендаровски и Ковачевски), кои правеле гимнастики на јавна сцена и не успеаа да испорачаат.
И во ред, тоа е реалноста. Ајде да видиме зошто ова се случува, зошто ние мораме ова да го прифатиме? Еве за малцинствата… Бугарското малцинство кај нас ги ужива сите можни права. Ако некој политичар вели дека нивните права се загрозени, треба да има докази, зашто ако тоа го тврдите без докази тоа е паушална политичка реторика, празни зборови.
Кога сме кај доказите, тие можеме да ги прочитаме од одлуките на Судот за човекови права во Стразбур, институцијата која дава докази дали нечии права се нарушени. Што вели Стразбур? Има 14 пресуди дека правата на Македонците во Бугарија се нарушени и нула за бугарската заедница кај нас во Македонија.
И јас треба да излезам пред граѓаните и да им кажам – овие прифатија и не испорачаа, имаме 14 пресуди од Стразбур дека правата на Македонците во Бугарија се нарушени и овие немаат абер една да испорачаат, ние имаме нула пресуди и ние повторно треба да менуваме Устав, за да почнеме во процесот на преговори, без притоа никој да ни гарантира дека ова е последното.
Не зборувам јас за понатамошни препреки по основ на објективните критериуми – животна средина, образование, земјоделие, тоа се објективни критериуми, а ова се субјективни критериуми. Никој не ни дава таква гаранција. И сега надвор од сите правила вие имате билатерализација на процес кој по структура треба да биде јакнење на институции и јакнење на капацитети, тоа се преговори, преговорите не се членство – рече Мицкоски.
Како што додаде, Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија е билатерален и договор. Ако договорот се злоупотребува земјава може да го напушти, предупреди Мицкоски, посочувајќи дека сепак потезите треба да се влечат внимателно, бидејќи ако се направи погрешен чекор тогаш државата ќе се врати неколку назад.
–Ако се принципиелни и сакаме европски да ги гледаме работите, ајде да зборуваме и за Договорот за добрососедство. Каде таму пишува дека треба да го менуваме Уставот? Ако патот кон ЕУ и преговорите се контиунирано прифаќање на билатерални прашања, отстапки, тоа нема врска со европските вредности, тоа е диктат. Ако сакате да влезете тоа е тоа – тоа нема врска со европските вредности.
Но, истовремено ние сме реал-политичари и велиме да, сакаме да одиме и сме проактивни и сакаме да нудиме предлози, да бидеме конструктивни. Можеби ќе дојде еден ден некој што ќе сака да се отвори ова прашање, нема потреба да се нервирате. Ќе дојде ден. Трпеливо. Ќе работиме, да креираме пријатели и сојузници, да ги шириме нашите аргументи кои се се повеќе рашиерени и прифатени.
Ние разговараме со аргументи, не сме инаетливи. Ако може Преспанскиот договор, кој нели е ремек-дело, и во него да стои дека уставните измени ќе влезат во сила кога грчкиот парламент ќе го ратификува пристапниот протокол во НАТО, зошто овде да не може така? Еве ние предлагаме…
Ако некој очекува од владата и од мене да прифатам нешто за што сум бил принципиелно против и сум имал аргументи, мислам дека погрешно очекува. Или мене не ме познава или не ги познава приликите. Ако некој смета дека еве овој стана премиер, тоа беше неговата амбиција, сега ќе прифати се… Не ми е мене вечна функцијата.
Ако македонскиот народ, од кој сега 3 четвртини вели дека е против ова, ако еден ден рече – види, мора ова да го прифатиме, сега има 5-7 отсто такви кои викаат тоа е тоа и мора да се прифати, ако тоа стане мнозинство еден ден јас ќе речам – благодарам, не сум повеќе за оваа работа и нека дојде некој друг кој ова ќе го испирача. Ова за мене не е исправно.
Затоа велам еве да ги поминеме уставните измени, кои сега ако поминат во парламент стануваат интегрален дел од Уставот. Но тие амандмани да важат тогаш кога бугарскиот парламент ќе го ратификува пристапниот договор на Македонија во рамки на ЕУ… Или ќе правиме држава врз основа на нашиот национален интерес или нема да имаме држава, ќе бидеме за потсмев.
Ако некој во Брисел, Берлин, Париз, Рим навистина сака да не види таму има начин. Ако има желба има и начин. Еве многу фер компромисно решение нудиме. Ниту ние не сакавме да прифаќаме договори од типот на Преспа и слично. Станавме влада и рековме Северна е дел од Уставот, заклетва ќе дадеме со Северна, тоа е што е, не критикуваа, не правеа… Па ајде господа испорачајте и вие, ние направивме се што требаше, доста е уцени, па не може, уморен е македонскиот народ – рече Мицкоски.
Оттука произлегува дека Мицкоски и неговата ВМРО-ДПМНЕ, која е главен дел од парламентарното мнозинство, немаат намера да влезат во процес на надминување на пречката од која зависат преговорите за членство во ЕУ. Односно, тој би влегол во процес на уставни измени, само ако тие важат откако ќе завршат преговорите и ќе станеме полноправна членка на Унијата. За таа цел, очигледно планира да води дипломатска активност, за да се изврши притисок врз Бугарија, која, пак, засега категорично одбива ваква варијанта.
(НЕ)РЕАЛЕН ОПТИМИЗАМ
Наспроти ваквиот пристап на премиерот, албанскиот партнер во Владата, поточно партиите што се дел од коалицијата ВЛЕН, шират оптимизам дека уставните измени ќе се случат наскоро. Во таа насока, министерот за здравство Арбен Таравари деновиве рече: „Знаеме што правиме, сигурни сме дека Македонија ќе ги започне преговорите“. На слична линија порака упати и првиот вицепремиер Изет Меџити, кој дури порача дека процесот може да се заврши до крајот на годинава.
–Почнете процедура за промена на Уставот, нема никаква дилема дека сите Албанци ќе гласаат за измените, затоа што ова е единствената алтернатива за да се придвижиме кон евроинтеграциите. Но, тие се 30, а за промена на Уставот потребни се 80 пратеници. Затоа, заедно со нашите партнери во власта, заедно со нашите стратешки партнери работиме посветено секој ден за да се најде решение – рече Меџити на ТВ 21.
Неговиот соработник од ВЛЕН Орхан Муртезани, кој е министер за европски прашања, за 360 степени откри дека на средбите кои заедно со премиерот Мицкоски неодамна ги имаа во Брисел со високи претставници на ЕУ, меѓу кои и со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, се разговарало за идејата за уставни измени со одложено дејство. Иако немало надеж дека таков предлог би поминал, сепак, според Муртезани, тој не се отфрла анблок.
-Има одредена доза оптимизам кој ние ќе треба да го конкретизираме. Мислам дека Владата има добра основа кога вели дека логиката во уставните измени треба да е слична со онаа што е направена кога влеговме во НАТО по промената на името. Односно, дека во фазите на промената на Уставот треба да има уште еден дополнителен амандман што ќе гласи дека содржината ќе се материјализира, ќе влезе во сила, откако Бугарија ќе го ратификува договорот за приклучување на земјава кон ЕУ – рече тој.
Инаку, ваквиот оптимизам на ВЛЕН не го дели лидерот на опозицискиот СДСМ Венко Филипче, кој го повика Мицкоски да свика затворена седница за идните чекори за евроинтегративниот процес. Тој потенцираше ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт со ветувања дека ќе ја подобри преговарачката позиција со ЕУ. Наместо тоа, според него, новата власт ги влошила односите со соседите и по раздвојувањето од Албанија, како што нагласува, земјава ќе стои во место ако нема конкретни чекори.
–Сметам дека премиерот има голема обврска, сега треба да го каже неговиот план и да го каже планот на Владата. Како ќе продолжиме, имаат ли план во која временска рамка ние ќе го направиме тоа? Размислуваат ли можеби да сме дел од некој друг сојуз, размислуваат ли да не остават да сме слепо црево во Балканот и да не остават да живееме сами, изолирани и без помош? – праша Филипче.
За разлика од него, лидерот на другата опозициска партија – Левица, Димитар Апасиев, е уверен дека власта на чело со Мицкоски ќе ги истурка уставните измени во одреден момент, и тоа со поддршка на ДУИ и Али Ахмети. Во интервју за најновиот број на „Фокус“, Апасиев вели дека предизборниот отпор на ВМРО-ДПМНЕ кон уставните измени бил само тактика за да дојдат на власт.
–Во моментот кога ќе проценат дека имаат простор, тие ќе ги донесат и мислам дека тука напомош ќе им дојде ДУИ, како што им дојде во 2 наврати досега – еднаш за реорганизација на министерствата и другпат за Законот за локална самоуправа – рече тој, додавајќи дека наместо да се укине историската комисија, која, според него, ги погазува придобивките од АСНОМ, само биле заменети членови.
Во тој контекст, Зијадин Села, пратеник од опозицискиот Европски фронт, во интервју за неделникот „Фокус“ рече дека следната влада треба да се формира врз основа на прифаќање „францускиот предлог“ и обврската за уставни измени. Тој потсетува дека Никола Груевски своевремено не успеа да формира влада, бидејќи бил против решавање на спорот за името со Грција, од што зависеше членството во НАТО.
–Кога веќе си за НАТО и за ЕУ, во иста ситуација може сме и сега со членството во ЕУ, и знаеш дека услов, не од Бугарија туку од ЕУ имаш, со самиот факт што си прифатил „француски предлог“, мораш да ги вметнеш Бугарите во Преамбулата. Ние треба да почнеме од тоа и да се формира владата по тој принцип, кога веќе викаш пред народот дека си за членство во ЕУ – вели Села.