По резултатите од првиот изборен круг, од опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците ги засилија најавите дека ќе формираат ново парламентарно мнозинство веднаш после завршување на вториот круг од локалните избори, заедно со, како што велат од таму, „помали“ партии од актуелното парламентарно мнозинство предводено од СДСМ и ДУИ.
Засега, сите „помали“ коалициски партнери во власта застапени во парламентот тврдат дека не го напуштаат мнозинството, истакнувајќи дека изборите за градоначалници и советници немаат врска со централната власт. Сепак, се забележува дека некои од нив почнаа да упатуваат поотворени критики кон водечките партнери во коалицијата, па дури и најавуваат дека ќе се залагаат за промени.
Еден од нив е лидерот на владејачкиот Демократски сојуз на Павле Трајанов, кој на овие избори настапува во предизборна коалиција со СДСМ на премиерот Зоран Заев. Во пресрет на вториот изборен круг, тој даде отворена поддршка на кандидатите на СДСМ и ги реафирмираше заложбите за останување на дел од парламентарното мнозинство. Но, истовремено испорача и неколку критики кон Илинденска.
–Ако сред изборна кампања кажете дека ќе се брише бугарски фашистички окупатор, тоа е контрапродуктивно. СДСМ мора да ја ревидира внатрешната и надворешната политика. Има прашања кои јас апсолутно не би ги поддржал, како што е берзата со пратеници. Ние како партија сме стратешки определени за НАТО и ЕУ, но не поддржуваме распродажба на земјоделско земјиште и легализација на објекти – рече Трајанов во гостувањето на Утрински брифинг.
ВЛАДИНА РЕКОНСТРУКЦИЈА ИЛИ ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ
Притоа, тој посочи дека изборниот резултат, меѓу другото, е и резултат на неединството во СДСМ, како и на обединувањето на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, Трајанов верува дека можен е пресврт во вториот круг, вклучително и со активен пристап на дваесетина коалициски партнери на социјалдемократите, кои, според него, биле пасивни во првиот круг.
–Разликата е мала. Мислам дека Заев може внатре да ги отвори прашањата околу кадровски промени и предвремени избори, но сега не треба да се зборува за тоа затоа што ги демотивира неговите гласачи. Потегот со најава за оставка на Заев демотивира. Владата е стабилна и има стабилно парламентарно мнозинство и тоа треба да се кажува – истакна Трајанов.
Како што вели тој за Фокус, изборните резултати од локалните избори нема да влијаат врз стабилноста на владата, но дефинитивно ќе влијаат врз работата на владата. Според него, ќе мора да се редифинираат политиките, посебно во надворешните работи, борбата против криминалот и високата корупција, справувањето со пандемијата, изборните правила…
–Во Франција, Германија, Англија, Грција, па и во соседните држави (Косово..), губењето на локалните избори немаат никакво влијание врз опстојување на владите или претседателот. После вториот круг ќе има анализи и можни се кадровски промени, реконструкција на Владата, па и да се отвори прашањето за предвремени избори, но не очекувам наскоро да се случат – посочува Трајанов.
ПРОМЕНА НА НАЧИНОТ НА ФУНКЦИОНИРАЊЕ
За разлика од ДС, НСДП, ВМРО-НП и други владини партнери, на овие избори ЛДП и ДОМ одлучија да настапат самостојно, надвор од блокот на СДСМ. Лидерот на либералдемократите Горан Милевски откри дека одлучиле да излезат самостојно на избори и поради потценувачкиот однос од големите партии, кои ги нарекувале пајтон-партии и сателити, без никаква политичка тежина.
–Може ние како ЛДП не сме виновни за многу работи, но кога сте заедно ја сносите одговорноста поеднакво. Едноставно, граѓаните не се задоволни од начинот на кој се практикува власта, очекувале нешто поинакво, поразлично, посмели реформи во многу областа. На пример, ветивме реформи во јавната администрација и судството, но не се реалзиираа – изјави Милевски во интервју за Сител.
Исто така, тој оцени дека фактот што незадоволните од власта останаа дома или поддржаа независни листи, ама не се прелеаа на контото на опозицијата, сугерира дека власта се уште може да си ја врати поддршката. Меѓутоа, како што истакна лидерот на ЛДП, за тоа потребни се суштински промени, а не само декларативно да се ветува.
–Сакаме да функционираме по примерот на Австрија, каде нивните коалициски партнери го променија и премиерот зашто не се согласуваат, зашто имаше криминал. Јас не зборувам сега за премиерот, туку за политики. Зад нас сега стојат 30.000 гласови кои сакаат промена на начинот на функционирање и ќе бараме одговорност од секој што ќе се огреши – посочи Милевски.
ТРАНЗИЦИЈА КОН ЦЕЛОСНА САМОСТОЈНОСТ?
Покрај критичкиот тон на ЛДП до власта, оваа партија и ДОМ, спротивно на сите други коалициски партнери, не повикаа на поддршка на кандидатите за градоначалници на поголемите партнери во вториот круг. Дури, нивниот кандидат за градоначалник на Скопје, Бени Шаќири, директно ги повика гласачите да не го поддржат актуелниот скопски градоначалник од редовите на СДСМ Петре Шилегов.
Оттука, дали видливата промена на односот на овие партии, кои прво сами настапија на локалните избори, а сега најавуваат поголема гласност во владината коалиција, е транзиција кон целосна самостојност и излегување од коалицијата на СДСМ? Во однос на прашањето на Фокус дали остварува одредени контакти со ВМРО-ДПМНЕ за ново мнозинство, Милевски вели дека не сака за коментира за „шпекулации од партиските кујни“.
–Граѓаните се доволно паметни и интелегентни да расудат за кој кандидат треба да гласаат во вториот круг. Немаме право да се мешаме во нивниот избор. Нашиот кандидат за Скопје беше од редот на натпартиските кандидати кои ја прифатија нашата натпартиска платформа и тој како граѓанин ќе си донесе одлука за кого ќе го даде својот глас и ние тоа го почитуваме – ни изјави Милевски.
Инаку, после првиот изборен круг, одредени информации одеа во насока дека и БЕСА, условно кажано, може да ја промени страната, доколку партискиот лидер Биљал Касами добие поддршка од ВМРО-ДПМНЕ во трката за градоначалник на Тетово. Од друга страна, пак, се појавија тврдења дека Алтернатива од опозиција ќе влезе во власта и ќе го засили кревкото мнозинство од 62 пратеници. Засега, и едните и другите ја отфрлуваат таквата можност.
Влатко Стојановски