Во тек на вчерашниот ден на Клиниката за инфективни болести почина 26-годишно момче од Кавадарци, позитивно на Ковид-19.
Покрај вирусот, истото имало и други здравствени проблеми, му била дијагностицирана апластична анемија, односно имало крвно нарушување.
Од кавадаречката болница информираат дека момчето било донесено кај нив на 25-ти октомври, во лоша здравствена состојба, со ниска сатурација. Било стабилизирано и веднаш препратено на клиника во Скопје, поради сериозност на состојбата.
-Семејството ги информираше здравствените работници дека момчето покрај тоа што е позитивно на вирусот, има и друго сериозно заболување, не се губеше време, веднаш беше транспортирано во Скопје на клиника.
Наредниот ден, во Ковид-19 одделението во нашата болница беше примен и неговиот помлад брат, на возраст од 21 година, исто така позитивен на вирусот. И кај него е дијагностицирано истото крвно нарушување.
Помина овде околу 24 часа, беше стабилен, по што дојде до нагло влошување на состојбата. Бидејќи спаѓа во ризична група на пациенти, и тој беше веднаш префрлен на лекување во Скопје – изјави директорот на кавадаречката болница, д-р Диме Коцев.
Додава дека денес во ковид одделот се хоспитализирани 33 пациенти. Моментално капацитеот е 40 легла, но доколку има потреба, можно е зголемување на капацитетот за одреден број на легла.
-Мислам дека луѓето веќе ја сфаќаат сериозноста на состојбата со вирусот, стануваат повнимателни. По овој наплив на новоинфицирани пациенти, се надевам дека масовно ќе започнат да се применуваат мерките за заштита, бидејќи вирусот не е игра. Забележувам промена во однесувањето на граѓаните, барем во Кавадарци, се носат маски, се внимава на дистанца, свеста оди на едно повисоко ниво, бидејќи само така ќе можеме да се избориме сите заедно со пандемијата – порача д-р Коцев.
Вики Клинчарова