Помалата ќерка на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, се смета за негов наследник, објави јужнокорејската шпионска агенција, Национална разузнавачка служба (НИС). Ова е прва ваква проценка на Јужна Кореја за Ким Ју-ае, ќерката на севернокорејскиот лидер.
Откако таа првпат се појави во јавноста во ноември 2022 година, имаше интензивни надворешни дискусии и шпекулации за Ким Ју-ае, за која се вели дека има околу 10 години. За време на нејзиното прво појавување во јавноста, Ким Ју-ае заедно со нејзиниот татко гледала пробно лансирање на проектил со долг дострел.
Оттогаш, Ким Ју-ае го придружува Ким Џонг-ун на големи јавни настани, а државните медиуми ја нарекуваат „најљубено“ или „најпочитувано“ дете на севернокорејскиот лидер. Освен тоа, објавуваат снимки и фотографии со кои се докажува нејзиниот растечки политички углед и блискост со нејзиниот татко.
Главната јужнокорејска шпионска агенција – НИС, ја даде својата проценка за нејзината идна улога повикувајќи се на сеопфатна анализа на јавните активности на девојчето и државните протоколи во кои таа учествува.
Висок генерал клекна и ѝ шепна додека таа ракоплескаше и гледаше воена парада на ВИП набљудувачката станица во септември. Таа беше фотографирана како стои пред нејзиниот татко во еден момент за време на посетата на командата на воздухопловните сили во ноември. На новогодишната прослава на преполниот стадион во Пјонгјанг во неделата, Ким Џонг-ун ја бакна во образот, а таа исто така го бакна него.
Повеќето од овие сцени се нешто што би било незамисливо во Северна Кореја, каде Ким се третира како бог.
Канцеларијата за односи со јавноста на НИС изјави за АП дека сè уште ги разгледува сите можности во врска со процесот на наследување во Северна Кореја. Тие наведуваат дека Ким е сè уште млад, нема познати поголеми здравствени проблеми и дека има барем уште едно дете. Ким во понеделник полни 40 години.
НИС нема совршена слика за случувањата во Северна Кореја, најзатворената нација во светот. Севернокорејските државни медиуми сè уште не дадоа директни коментари за наследувањето или дали Ким Ју-ае има браќа и сестри.
Од нејзиното основање во 1948 година, со Северна Кореја управуваат машките членови на семејството Ким. Ким Џонг-ун ја наследи власта по смртта на неговиот татко Ким Џонг-ил кон крајот на 2011 година. Ким Џонг-ил ја презеде власта откако неговиот татко и основач на Северна Кореја, Ким Ил-сунг, почина во 1994 година.
Поранешната НБА ѕвезда Денис Родман, кој се забавуваше со Ким Џонг-ун во неколку наврати, рече дека ја видел и ја држел ќерката на Ким за време на патувањето во Пјонгјанг во 2013 година. НИС им кажа на јужнокорејските власти на приватен брифинг минатата година дека Ким Ју-ае има постар брат. Тие тврдат и дека има и помлад брат или сестра.
НИС тогаш соопшти дека Ким Ју-ае никогаш не била запишана во официјална образовна институција и дека се школувала дома во Пјонгјанг.