Утре вечер со почеток во 19 часот во НУЦК Ацо Ѓорчев Неготино премиерно ќе се прикаже аматерскиот филм, комедија ,,ОнлајТ настава” зад кој стојат ученици, полуматуранти од ООУ Гоце Делчев од Неготино. Ова е нивниот прв аматерски филм кој ќе се прикажува на големото платно, и освен утре (вторник), истиот ќе се прикажува и во наредните два дена.
Иницијативата за снимањето на комедијата дошла од страна на Гордана Јованова, која е член на Совет на родители, и која е сценарист и режисер на филмот.
За „Фокус“ таа вели дека идејата за снимање на филмот се родила пред две години, додека се одвиваше онлајн наставата, а дел од згодите и незгодите од тоа ковид време биле вметнати во филмот.
– Се започна кога учениците добија домашна задача по Македонски јазик, а темата беше дијалог – комедија. Потоа следуваше уште една задача со тема радио драма. Во тој период учениците кои сега се полуматуранти беа во седмо одделение.
Спонтано се роди идејата за снимање и на аматерски филм, учениците сакаа едноставно да остават некаков траг, нешто по кое ќе се запамти нивната генерација која помина подолг период со онлајн наставата.
Покрај тоа, решија средствата кои ќе се соберат од овој проект, односно од продажбата на влезниците, да бидат наменети за организирање на скромна полуматурска забава.
За снимањето и за монтажата на материјалите беше задолжено Фото студиото „Бубо“ од Неготино, се снимаше еден ден, а потоа започна монтажата. Ова е прв ваков проект на полуматурантите кој ќе се прикажува во кино сала, и тие се надеваат дека ќе успеат да ги расположат нашите сограѓани со оваа комедија, создадена со многу љубов и позитивна енергија.
Јас како родител, и како член на Совет на родители безрезервно ги поддржав учениците, и верувам дека нашите сограѓани ќе дојдат во голем број за време на прикажувањето на филмот, вели Јованова.
Додава дека пред прикажувањето на филмот во НУЦК Ацо Ѓорчев Неготино, ќе бидат изложени и 30 слики на платно од ученици од шесто до деветто одделение, кои присутните ќе можат да купат по симболични цени, и тие средства исто така ќе бидат наменети за полуматурантите.
За ова филмско остварување свој осврт даде и Канита Гичовска, професорка по македонски јазик, според која учениците докажале дека ја научиле основната животна лекција наречена „Да се победи тешкотијата“.
– Пред вас е едно филмско остварување `спакувано` од вредните и хумани раце на учениците од 9-то одд. при ООУ Гоце Делчев
– Неготино. Снимајќи го овој филм овие млади луѓе посакаа да ви ја покажат важноста на зборовите наспроти визуелното – владетелот на сегашното време, оној којшто ги `заробува` очите. Воедно ни докажаа дека ја научија основната животна лекција наречена `да се победи тешкотијата`. Со ова поразлично и неповторливо искуство исполнето со многу забава, страв, трема, смеа, збунетост… учениците успешно усвоија ненадоместлив урок.
Прифаќајќи да бидат ,,фатени во стапица”, свесни за своите способности, таленти и недостатоци, за своите доблести и маани, отворено и слободно ги удрија темелите на животната основа која во иднина треба смирено и разумно да ја градат. Овој интересен личен опит е доказ дека секој од нив е мошне млада, а посебна личност која сосема нечујно, тивко и срамежливо, но успешно ја ,,зграпчи” и освои оваа етапа од образовниот процес.
Прецизната доза хумор преку реалистичниот стил ткаење на една секојдневна семејна приказна е пред нас благодарение на Гордана Јованова – родител со ,,џиновско” срце, наш сценарист, режисер и текстописец. Нејзината безрезервна трпеливост и сугестивност, скромност и вистинско пријателство заслужуваат бесконечна благодарност за оваа благородна мисија. Таа ни докажа дека без оглед на сѐ, ,,треба да се обидеме”.
Овој ,,обид” стои пред вас и со нетрпение ја чека вашата оценка. И, ве молам, немојте да бидете воздржани и рамнодушни пред ентузијазмот и љубовта која ви се нуди… За музичката поддршка со умешната и грижлива тонска ,,помош” ѝ должиме благодарност на наставничката по музичко образование Павлинка Вељаноска.
Вистинско признание заслужува филмскиот камерман којшто ,,природно” ни ги соодветствува човечките димензии во светот на фимот во кој ограничените рамки на просторот и времето ни изгледаат најсовршена филмска проекција. Благодариме Гордан Арсовски и иновативниот тим на Фото „Бубо“. Немојте да заборавите дека и ,,патот до пеколот може да биде поплочен со добри намери”, но ве уверуваме дека воопшто не тргнавме кон пеколот.
Обидете се да видите дека патот води до убавината, знаењето, слободата, истакнува професорката Гичовска.
Вики Клинчарова