Полтрон gate

by Fokus

Односот на полтронот со бирократијата, или лидерот, е однос на симбиоза, меѓусебна животна зависност, без која е невозможно постоење и опстанок и на едниот и на другиот.

Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

Во најголем број случаи, на почетокот, водачите на народот се луѓе од верба, потоа луѓе од закон, за на крај да станат луѓе и без верба и без закон. Ова го кажал Бернард Шо, зборувајќи за водачите на народите, челниците на државите. Не помалку интересна е и констатацијата на Душан Поповиќ, српски новинар, публицист и политичар, кој кажал дека  „од кога памети историјата, секогаш бил поголем неморалот горе, отколку долу, секогаш понеморална била власта, отколку народот, и секогаш, така ќе биде, бидејќи самата положба создава кај луѓето што ја држат власта во раце, можност, способност, тежнеење и склоност да вршат неморал и насилство“.

Сево ова во изминативе децении се покажа како точно, не само кај нас, туку и во сите земји од опкружувањето. Земји со слаба или никаква економија, ниски демократски капацитети, отсуство на контрола на институциите и јавните функционери. Земји со преголем опсег на дискрециони права на јавните функционери, селективност при примена на законот, неказнивост на поединци со создавање каста над законот, нетранспарентност и неотчетност во вршењето на јавните функции, полтронството и партиската книшка како социјален феномен.

Во сите овие земји, државните институции како систем на власт станаа заробени и зависни од волјата на поединци кои раководеа со партијата, која е на власт и со државата. Полека, но сигурно, државата се претопи во партија, демократски избраните функционери станаа апсолутисти, кои се богатеa на сметка на народот, создавајќи роднинско пријателски олигархии.

СЕ ИЗБИРА ПОМАЛОТО ЗЛО

Сите избори до сега во Република Македонија не беа избори со кои избирачкото тело ќе ја избере подобрата програма или политичкиот концепт, или некаква визија за иднината, туку се избираше помалото зло, помалку лошиот. Освен изборни ветувања, ништо друго не им се нудеше на избирачите, за да можат вистински да го дадат својот глас за нешто што ќе им ја смени и сегашноста и иднината на подобро.

Целокупната изборна реторика сите овие години се сведуваше на етикетирање на предавници, криминалци, антиевропејци, антинатовци и започнуваше со барање доверба од гласачите во големиот лидер, кој ќе донесе промени. Од човек во кој народот има верба, многу бргу стануваше човек од законот, човек кој правдата, еднаквоста и реформите не ги вади од уста, но кој суштински не прави ништо, освен што го продолжува она што претходникот го почнал во партизирањето и заробувањето на државата и нејзините институции.

Покрај смешните и апсурдни изјави, таквиот лидер полека, но сигурно станува комотен во своето однесување и постапување и сè повеќе наликува на претходникот. Почнува да го крши законот, или да го толкува како му одговара, почнува да носи закони, не за да ја подобри иднината, туку политички да се испазари, криминалот останува неказнет, или амнестиран.

Кастата на недопирливи не се намалува, туку само се зголемува и проширува на блиски луѓе на врхушката на партијата на власт, која се испреплетува со веќе постоечката каста создадена од претходните. Исто како и претходниот, и овој водач на народот, станува човек без верба и закон.

Неразумноста и површноста на одлуките и популистичкото политикантство станува предмет на критика, но тука настапуваат партиските „кујни“ и полтроните.

Полтрон е двоножно животно со душа на стаор, со вода во главата наместо мозок и ‘рбет од лепило и желатин. Таму каде што другите луѓе носат срце, полтронот има тумор на расипани принципи, објаснува Волфрам Енгелс, кој го истражувал овој феномен низа години во тогашната СР Германија. Полтроните се републиканска алтернатива за дворски будали и единствена способност на овие луѓе е тоа што немаат образ, ниту свое јас.

СИМБИОЗА СО БИРОКРАТИЈАТА И ЛИДЕРОТ

Односот на полтронот со бирократијата, или лидерот, е однос на симбиоза, меѓусебна животна зависност, без која е невозможно постоење и опстанок и на едниот и на другиот.

Едниот, се храни со хвалоспевите, додворувањето ,поддршката и величањето, кои полтронот во секоја ситуација и секаде ги покажува за ликот и делата на лидерот, „таткото“, а богами, и „мајката“ на нацијата, а другиот, ужива заштита, повластици, привилегии и други погодности, кои како милост или заслуга му ги дели сувереност. Полтронот не мисли, не оценува, не си поставува прашања, наместо него мисли и размислува лидерот, а тој ги правда и воздигнува глупостите и неговите промашувања.

Некогаш, дворската будала од ограниченото поле на дејствување во кралскиот двор доби бескрајно голем простор и можност да дејствува и да го велича, обожува, воздигнува и правда својот суверен.

На полтроните сега им стојат на располагање сите техничко- технолошки достигнувања да го исполнат својот дел и да ја одиграат улогата што ја имаат во таа симбиоза со бирократот или со лидерот. Од партиските бини, билбордите и мегафоните, полтроните преминаа на порталите, социјалните мрежи, на кои со неколку потези на тастатурата ја исполнуваат улогата од симбиотичката заедница. Порталите, социјалните мрежи и медиумите станаа не само алатка, туку и порта на полтроните кон светот и народот.

Моќта на лидерот е еднаква на моќта на неговиот полтрон, а непогрешливоста, „визионерството“, бескрајно големите „успеси“ и постигнувања стануваат заеднички успех од кој се храни оваа симбиотичка заедница. Загрижува спремноста и кадарноста на ваквите симбиотички заедници да се здружуваат и да обединуваат, создавајќи цели организми, кои како канцер го јадат и она малку останато здраво општествено ткиво.

На крај ќе го цитирам Меша Селимовиќ, кој можеби најдобро ги опишал полтроните.

„Полтроните, тоа се за мене најлошите луѓе на светот, најштетни, најрасипани. Тие ја поддржуваат секоја власт, тие и се власт, тие сеат страв без милост, без каков било обѕир, ладни се како мраз, остри како нож, како кучиња верни на секоја држава, како курви неверни на секој поединец, тие се најмалку луѓе од сите луѓе. Додека тие постојат, нема среќа на светов, бидејќи тие ќе го уништат сето она што е вистинска човечка вредност“.

 

 

 

 

 

 

 

 

Поврзани новости