Полското камерно трио „Пендерецки“ вечерва на „Охридско лето“

by fokus

Шестиот ден од програмата на годинешното 59-то издание на „Охридско лето“ нуди концерт на полското трио „Пендерецки“, составено од уметниците Конрад Сколарски на пијано, Јарослав Наджицки на виолина и Карол Марјановски на виолончело.

Клавирското трио „Пендерецки“ е креирано со голем ентузијазам од страна на тројца од најдобрите и најзначајни полски музичари на денешницата. Долги години тие биле блиски со легендарниот композитор Кшиштоф Пендерецки и со неговиот огромен творечки опус. Секој од членовите на ова трио – талентираниот пијанист Конрад Сколарски, виртуозот на виолина Наджицки како и сензационалниот виолончелист Карол Марјановски има независна кариера во нивната родна земја и во странство. Тие се лауреати на бројни интернационални натпревари, и имаат концертни настапи во Европа, Северна и Јужна Америка и Азија.

Како солисти и камерни музичари (двајцата гудачи до неодамна беа јадро на Квартетот „Мекоре“), сите членови на триото „Пендерeцки“ настапувале во познати концертни сали како Аудиториумот во Мадрид, „Вигмор хол“, „Кадоган хол“ и „Мењухин хол“ во Лондон, „Музиквераин“ во Виена, „Бозар“ во Брисел, Фрик Колекцијата во Њујорк, уникатниот „Полак“ хол во Монтреал, големата сала на Варшавската филхармонија, Големата сала на Московскиот конзерваториум, концертната сала „Арам Хачатуријан“ во Eреван, „Атенеум“ во Букурешт.

Поврзани новости