Полски министер: Европа нема да создаде заедничка армија поради руските закани

by Fokus

Европските земји нема да создадат обединета армија како одговор на заканите од Русија, изјави полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.

Во врска со ставот на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека е неопходно да се формираат „европски вооружени сили“, Сикорски рече дека „треба да се биде внимателен со овој термин бидејќи луѓето разбираат различни работи“.

– Ако со тоа мислите на обединување на националните војски, тоа нема да се случи. Но, јас се залагам Европа, Европската унија да ги развие сопствените одбранбени капацитети – рече тој во интервју за полски медиуми.

Сикорски додаде дека ЕУ во моментов формира засилена бригада, пренесува Ројтерс.

– Ако САД сакаат да ја зајакнеме нашата одбрана, таа треба да има национална компонента, НАТО компонента, но верувам и европска компонента од ЕУ, субвенции од ЕУ за одбранбената индустрија за да ги изградиме нашите производствени капацитети, но и сила на ЕУ достојна за нејзиното име – рече Сикорски.

Тој повтори дека полските трупи нема да се борат во Украина „затоа што должноста на Полска кон НАТО е да го заштити источното крило, односно нејзината сопствена територија.

Зеленски на Минхенската безбедносна конференција рече дека е дојдено време да се формираат „европски вооружени сили“, наведувајќи дека борбата на Украина против Русија докажала дека веќе има причина за тоа.

Зеленски рече дека Европа не може да ја исклучи можноста САД да одбијат да и помогнат на Европа за прашања што и се закануваат, пренесе АП.

Тој потсети и дека голем број лидери долго време зборуваат за тоа како на Европа и е потребна сопствена армија.

Поврзани новости