Половина од граѓаните дале чиста 1 за промената на документите

by fokus

Најголем дел од граѓаните му дале чиста единица на процесот на обнова на личните документи и патни исправи, покажува последната анкета која за Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според неа, 47,1% од анкетираните рекле дека генерално процесот на промена на документите го оценуваат со најниска можна оценка 1. Оценка 5 овој процес добил само од 5,9% од анкетираните а средната оценка изнесува 2.07.

Според граѓаните, главен виновник за лошата организација на овој процес се надлежните институции, односно неподготвеноста на државата. Само 20,6% рекле дека одговорноста ја гледаат во граѓаните бидејќи не аплицирале навремено за документи.

Еден на четири граѓани рекол дека поради проблеми со постапката на обнова на документите морал да откаже веќе планирано патување, додека 66% од анкетираните го немале овој проблем.

Најголем проблем при патувањата очекувано имале граѓаните на возраст од 30 до 40 години, каде дури 36,4% од анкетираните морал да откажат патување бидејќи немале пасош.

Во моментов, најмногу граѓани немаат нов пасош, а најголем е бројот на оние кои извадиле нова лична карта.

Па така, 43% од анкетираните се уште не извршиле промена на пасошот. Уште 34% чекаат за промена на лична карта и уште 33% за возачка дозвола. Над 63% од граѓаните веќе имаат нова лична карта, додека 43% имаат нов пасош и уште 43% нова возачка дозвола.

Повеќе од половина од граѓаните воопшто не се обиделе да закажат за нови документи. Според последното истражување нешто под 53% од анкетираните до сега воопшто не аплицирале, а 43% веќе се пријавиле.

Поврзани новости