Притвор за петмината осомничени дилери на дрога, уапсени во вчерашната полициска акција, бара јавното обвинителство. Од таму велат дека постои опасност тие да се дадат во бегство или да го повторат делото. Меѓу уапсените се четворица мажи и една жена. Жената, пак, како што информираа од МВР, е учителка која работела во основното училиште „Александар Македонски“ во Аеородром. Во акцијата на полицијата пронајдена е дрога во вредност од половина милион евра.
„Во периодот од крајот на јануари до средината на март, осомничените четворица мажи и една жена, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики. Со посебни истражни мерки и други дејствија по наредба на јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје обезбедени се докази за основано сомнение дека осомничените во наведениот период неовластено заради продажба купувале, држеле и продавале психотропна супстанца – амфетамин, стимуланс на централниот нервен систем (ЦНС) кој е класифициран во Националната листа II на контролирани психотропни супстанции“, велат од јавното обвинителство.
Од таму додаваат дека во текот на вчерашниот ден и утринава извршени се претреси на седум локации во Скопје.
„Откриена е лабораторија за производство на амфетамин, како и дрога со проценета вредност на „црниот пазар“ од околу половина милион евра – амфетамин во количина од околу седум килограми, еден килограм кокаин, околу 22 килограми марихуана, околу 3000 таблети екстази, повеќе дигитални ваги и опрема за производство на амфетамин, евиденции, тетратки и листови со прибелешки за должници односно лица кои купувале дрога, како и пари за кои постојат основи на сомнение дека потекнуваат од продажба на дрога“, додаваат од обвинителството.
Од таму посочуваат дека еден од осомничените се товари и за поседување оружје без дозвола, бидејќи при претресот кај него била пронајдена и автоматска пушка, 667 куршуми со различен калибар, рамки и други делови од огнено оружје.