Половина Македонија е болна, сезонскиот грип се враќа на голема врата

by Fokus

Преполни ординации, болни од бебиња до возрасни, сезонскиот грип се враќа на голема врата.

По три години пандемија со Ковид 19, наеднаш грипот инфлуенца А “удри” најако и од ден на ден зазема се поголеми размери.

Повеќе од пола Македонија е разболена, тврдат дел од лекарите со кои разговараше “Фокус”.

Според нив, оваа година сезонскиот грип не избира. На мета се и најмалите, но и најстарите.

“Оваа година ординациите се преполни. Вирусите се пренесуваат од едни на други и секој втор е болен. Со ваквите температурни разлики, состојбата е уште полоша.

 

Преку ден е 15 степени, вечер се минусни температури. Тоа е еден од најголемите проблеми и предизвикувачи на болести”, велат дел од лекарите.

Инкубацијата е од 2-5 дена до појавување на симптоми на грип.

Инфекцијата со грип тип А (подтип H3N2) е потешка и посериозна од тип А (подтип H1N1) или тип Б, и најчесто оди со треска, покачена телесна температура во траење од 1 до 4 дена, затнат нос, леукопенија и покачен Ц-реактивен протеин (CRP).

Потоа најчесто почнува кашлица (најчесто сува), која може да трае до 3 недели.

Мијалгија и други симптоми како треска, главоболка, општа малаксаност и болки во грлото се подеднакво чести кај инфекциите со грип А/H3N2, A/H1N1 и B.

Во повеќето болници завршија мајки со мали бебиња, на кои грипот им направи поголеми здравствени проблеми.

” Се почна со обична настинка и од ден в ден симптомите се повеќе зголемуваа и на крај завршивме во болница со бронхит.

 

Сега е подобро, ама кој страв и стресови поминавме. Страшно”, раскажува 28-годишна мајка.

Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје објавен за само една недела до 25 декември има 177 нови случаи, додека за последните две недели овој број се повеќе расте.

Во меѓувреме, според извештајот на ИЈЗ, полека се зголемува и бројот на заболени од Ковид 19.

Лекарите препорачуваат граѓаните повеќе да внимаваат, да пијат витамини и да јадат овошје и зеленчук.

Сепак, ништо да не преземаат на своја рака без консултации со лекар, особено да не пијат антибиотици.

Ирена Мулачка

 

Поврзани новости