Полни кафулиња и кафичи, прослави на матури и родендени во Делчево во време на пандемија

by Fokus

Полни кафулиња и кафани кои работат до раните утрински часови, прослави на матури, полуматури, родендени, крштевки, растрчани деца по игралишта, долги редици пред банките без заштитна опрема. Вака изгледа градот Делчево во време кога корона вирусот после неколку месеци го зафати и ова мало гратче во кое досега има неколку позитивни случаи и повеќе нивни контакти веќе се ставени во самоизолација.

Во период кога бројката на заразени достигна 12.739, а бројката на починати 544 заклучно со вчерашниот извештај на министерството за здравство, ни тоа не ги поколеба Делчевчани да продолжат со журките во време на пандемија.

Од тоа што може да се забележи во градот, повеќето граѓани воопшто не носат заштитни маски, а дел од нив се уште дебатираат дали постои овој опасен вирус или некој го измислил. Ретко можат да се забележат граѓани кои ги почитуваат заштитните мерки.

„Не можам да разберам по се што се случува во државата, тука да не се почитува ништо и секој да си прави слави. Тоа што досега во Делчево немаше заболени не значи дека болеста нема да се прошири ако не се почитуваат препораките – велат дел од граѓаните.

Првиот случај регистриран во Делчево беше пред неколку месеци, а подоцна беа регистрирани уште четворица случаи кои се водат под оваа општина, но живеат во Македонска Каменица. Според последниот извештај на министерството за здравство, до денеска има три активни случаи на Ковид 19, но затоа многу нивни контакти завршија во самоизолација и ги чекаат резултатите од тестовите.

Денеска се огласи и делчевскиот градоначалник Горан Трајковски, кој истакна дека ова што се случува по кафулињата и рестораните ја покажува неодговорноста на поединци.

Јас уште еднаш апелирам до сите граѓани, да се почитуваат мерките за заштита, да се носат заштитни  маски за лице, да се одржува дистанца и редовна дезинфекција на рацете, но пред сè, да нема групирања. Ова што се случува по рестораните и кафулињата во Делчево, само уште еднаш ја покажува неодговорноста на поединци која може да доведе до ситуација, кога во државава се смирува епидемијата, тука да почне да се разгорува. Делчево беше град, каде со месеци немаше ниту еден случај со коронавирусот. Затоа, апелирам на лична одговорност до секој еден жител на општината, не го загрозувајте здравјето на вашите родители и пријатели, бидејќи никој не може да ве заштитиниту локалната, ниту државата, ниту СЗО, ако самите не го направите тоа – истакна Трајковски. 

 

Поврзани новости