Полна како брод се вратив, ќе инвестирам во родниот Штип, оти овде е мојот дом!

by fokus

Фолк пејачката Тања Блажева, која пред десеттина години беше доста актуелна во земјава, учествуваше на музички фестивали и имаше редовни настапи, по неколку години живот во Швајцарија, деновиве се врати во родниот Штип.

За ,,Фокус” вели дека животот во Швајцарија и донел многу промени, работела напорно настапувајќи во српски клуб, и со упорност успеала да си ги оствари соништата.

-Изминатите години ми поминаа доста работно. Секојдневни ангажмани во познат српски клуб, многу гостувања во Белград, но и инвестирање во себе, бидејќи тоа е неминовно ако сакаме популарност кога е нашата професија во прашање.

Животот во швајцарскиот Олтен ми отвори нови видици, но и ми даде многу шанси за напредок. Сега имам две нови песни за српскиот и бугарскиот пазар, ќе се снимаат видео записи за нив. Едниот запис за баладата ќе биде снимен во Турција со познат модел, другиот во Швајцарија.

Успеав да си купам стан во Штип, и планирам да инвестирам во родното огниште, ќе отворам угостителски локал. Иако пак ќе се враќам во Швајцарија, сепак ова е мојот дом-вели Тања.

Таа има шест-годишна ќеркичка, за која вели дека е целиот нејзин свет, и желбата нејзиното дете да има добар живот и давала мотив плус да работи посветено.

-На себе направив многу естетски корекции, такви се трендовите, од нас како естрадни уметнички се очекува секогаш да изгледаме убаво и средено.

Многумина не ме препознаа во Штип, а кога им раскажувам на пријателите дека купив свој дом овде, дека ќе влегувам во угостителскиот бизнис, знаат да ми речат дека од Швајцарија се вратив полна како брод. Ќе одговорам дека секоја работа на која човек ќе се посвети, носи успех, а секако и заработка.

Имав среќа што тамошната публика го препозна мојот квалитет, што на секој мој настап клубот е преполн. Во Македонија, уште многу треба за да се подигне естрадата на повисоко ниво и за да може само од музика добро да се живее – вели Блажева.

Празниците ги минувала со своите блиски, се дружела со свои пријатели и колеги со кои подолг период не се видела, а потоа заминувала на снимање во Турција.

Покрај новите песни, најави и нова фото сесија, во која ќе и се претстави на публиката со новиот изглед.

Вики Клинчарова

Поврзани новости