Во наредниот период очекуваме нови 600 приправници кои треба да потпишат професионален договор, а униформи за нив нема. Не смееме да вадиме полицајци на улица без соодветна опрема. МВР нема доволно униформи за сите во полицијата, само една третина од полицајците имаат добиено нови обувки, истакна денеска претседателот на Независниот синдикат на полицијата, Гоце Делчев Тодев.
-Во министерството за внатрешни работи и понатаму преовладува хаосот и проблемите кои настанаа во минатото. Лично го повикувам министерот за внатрешни работи да направиме заеднички план, да ги посетиме вработените во МВР и да ја увидиме вистинска слика која и не е така сјајна – рече Делчев-Тодев, според кого многумина продолжиле да го лажат министерот дека состојбата на полицијата е во ред со цел, како што рече, да ги заддржат бодовите врз кои се заснова нивната плата.
Од полицијата, пак, се правдаа дека во министерството се затекнати многу проблеми кои биле наталожувани изминативе години и за кои ниту постоел ниту се пројавувал интерес јавно да се говори, почнувајќи од сериозни аномалии во материјално-финансиското менаџирање со институцијата, бројни проблеми во организационо-кадровскиот дел, евидентно инфраструктурно и техничко уназадување, катастрофални стандарди и услови за работа и друго.
„Во текот на изминатите неколку месеци направени се конкретни активности првенствено во насока на подобрување на условите и стандардите на работа на полициските службеници. Врз основа на направени проценки, изготвен беше план за обновување или целосна реконструкција на полициски објекти за различна намена, при што досега пет такви објекти веќе се предадени во употреба. Исто така во поглед на елементарните потреби за нормално функционирање на полицајците се започна со набавка на нова и комплетна полициска опрема која што етапно и согласно посебните планови во рамки на организационите единици ќе стигне до секој полициски службеник“, велат од МВР.