Полицијата во Берлин соопшти дека е покрената истрага откако вработени во американската Амбасада пријавиле симптоми на таканаречениот „Хавана синдром“.
Истрагата за „наводниот напад со звучно оружје врз вработените во американската амбасада“ почна во август, а од 2016 година, повеќе од 200 американски службеници пријавиле дека страдаат од ова нарушување, јави Би -Би -Си.
Некои американски службеници кои пријавиле симптоми имале ненадејно чувство на притисок во главата, како и дека слушнале чудни звуци, додека други се жалеле на вртоглавица, гадење и замор.
Американскиот претседател Џозеф Бајден вчера вети дека „причините за нарушувањето и одговорните за синдромот Хавана ќе бидат откриени“. Изјавата на американскиот претседател беше дадена за време на потпишувањето на законот кој најавува подобра здравствена заштита и поголема финансиска поддршка за жртвите од синдромот Хавана.