Хрватската полиција извести дека заедно со Европол ја координираат меѓународната акција во која учествуваат полициите на неколку земји и канцеларијата на американската агенција за борба против дрога ДЕА во Загреб.
Од полицијата велат дека во соработка со Канцеларијата за сузбивање организиран криминал утрово уапсиле неколку лица и дека против нив се води кривична истрага.
„Спроведувањето на кривична истрага од меѓународен карактер започна денеска во утринските часови на територијата на повеќе земји, меѓу кои и Хрватска, а со цел разбивање на злосторничко здружение чии активности се поврзани со шверц и трговија со дрога. Во тек се итни претреси на домовите и други простории на подрачјето на полициските одделенија Загреб, Сисак-Мославина, Приморје-Горанска и Крапина-Загорје за да се обезбедат потребните докази“, велат од полицијата.
Во исто време апсења и претреси се одвиваат во Белгија, Босна и Херцеговина, Холандија, Германија и Словенија, а акциите на партнерската полиција ги координира хрватската полиција од централата во Загреб.
По завршување на кривичната истрага, полициските службеници ќе ги предадат осомничените н обвинителството за одредување на притвор, а против нив ќе поднесе кривична пријава од Управата за сузбивање на корупција и организиран криминал, пишува „Индекс.хр“