Во акцијата „Црна вратоврска 2“ на Државната агенција за истрага и заштита во БиХ (СИПА), која се спроведува со кантоналните полициски агенции, досега се приведени 22 лица, меѓу кои високи службеници на полициските агенции и институции за спроведување на законот, пишува „Клих.ба“.
Акцијата се спроведува во најмалку три града во Федерацијата Босна и Херцеговина (Сараево, Зеница, Мостар), но е проширена и во Република Српска.
Обвинителството на Босна и Херцеговина и СИПА само соопштија дека се приведени неколку лица, нагласувајќи дека меѓу нив има и службеници, но не прецизирајќи го нивниот идентитет.
Она што е познато е дека под сомнение за организиран криминал приведени се бизнисменот Гордан Мемија и началникот на специјалната единица на Федералната полициска управа (ФУП) Мустафа Селмановиќ, како и неколку полицајци. Бил претресен и директорот на ФУП, Вахидин Муњиќ, но се уште не е јасно дали е приведен.