Полицијата во Париз застрела две лица

by fokus

Синоќа, нешто пред полноќ, додека толпата која дојде да го бодри Емануел Макрон на Шан де Марс за неговиот реизбор се растера, две лица беа застрелани од полицијата неколку километри подалеку, додека возеле во спротивна насока. Инцидентот се случил на Понт-Неф, во 1-виот арондисман во Париз. Третиот патник на возилото е повреден, јави дописникот на МИА.

Инцидентото се случил во хиперцентарот на главниот град на мостот Понт-Неф, во срцето на Париз, во 1-виот арондисман, недалеку од музејот Лувр. Овој мост, најстар во Париз, се протега над Сена и поминува низ Ил де ла Сите.

Нешто пред полноќ, полицајци забележале автомобилот кој возел во погрешен правец. Тие се обиделе да го контролираат возилото, залудно. Токму во тој момент возачот на возилото забрзал, па дури и се обидел да удри во полицајците, како што изјавил полициски извор за агенцијата Франс прес, пренесуваат француски медиуми.

Соочени со ризик од судир, полицијата го употребила своето огнено оружје. Двајца патници во возилото Фолксваген Поло регистрирано во Париз загинаа, а третиот е повреден.

Набргу по настанот, околу мостот беа распоредени големи полициски сили.

Отворена е истрага и доверена на 1-виот округ на правосудната полиција за „обид за намерно убиство врз лица кои имаат јавни овластувања“, соопштија од париското обвинителство.

Истрага е отворена и од Генералниот полициски инспекторат (ГПН). Така е секогаш кога полицаец го употребува своето оружје. Иако делото се случи неколку часа по резултатите од вториот круг на претседателските избори, во оваа фаза не може да се воспостави врска со овој политички настан.

Поврзани новости