Полицијата трага по синот на Цеца

by fokus

Српската полиција од синоќа трага по синот на балканската турбо фолк ѕвезда Цеца Ражнатовиќ, Вељко, поради учество во групна тепачка во Бања Лука, во која што било употребено и огнено оружје, но и безбол палка обвиткана со бодликава жица – пренесува српски Блиц.

Настанот се случил вчера околу 20.30 часот, кога две групи на момчиња се судриле во центарот на градот, во време кога улиците и околните кафулиња биле преполни со народ.

Од една страна се наоѓале четири момчиња од Лакташ, додека од друга Вељко и негови другари. Според информациите објавени во српските медиуми, момчињата од Лакташ биле приведени, едно од нив завршило во болница со повреди, додека пак Вељко и неговите другари побегнале од местото на настанот. Во меѓусебната пресметка, од страна на групата на Вељко биле испукани повеќе куршуми, по што момчињата со автомобили „mercedes ML“ и „BMW 1“ заминале во непознат правец.

Вељко е син на Цеца и Жељко Ражнатовиќ – Аркан, водач на паравоената формација Српска доброволна гарда која што делувала во војната на просторот на бивша Југославија.

Цеца пак, со години наназад се носи со епитетот на најголема балканска музичка ѕвезда. Минатата недела имаше концерт во Скопје пред околу 10.000 публика, и со испробаниот трик со мафтање со македонското знаме повторно успеа да ја фрли публиката во делириум.

Околу настанот со нејзиниот син, менаџерскиот тим на пејачката се уште нема излезено со официјално соопштение.

Вики Клинчарова

Поврзани новости