545
Министерство за внатрешни работи соопшти дека денес во утринските часови се спасени двајца малолетници кои во водите на Охридското Езеро со чамец неконтролирано се движеле кон државната граница со Албанија. Чамецот според пријавите од полицијата бил забележан на два километри наспроти брегот на „Женска плажа“ во Струга, а бил пронајден на еден километар нспроти хотелот „Изгрев“.
„Денеска во 09.35 часот во Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“, од веслачки клуб „Црн Дрим“ од Струга било пријавено дека во водите на Охридското Езеро, на два километри од брегот, наспроти „Женска плажа“, неконтролирано се оддалечува чамец за веслање со двајца малолетници во правец на државната граница со Република Албанија“, соопшти МВР.
Од МВР велат дека според пријавеното, членови на веслачкиот клуб се доближиле до чамецот, но поради силниот ветер не можеле да го извлечат на брегот.
„По преземени мерки, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“, Полициската станица за граничен надзор „Франгово“ и членови на веслачкиот клуб го пронашле чамецот на еден километар наспроти хотел „Изгрев“ во Струга, по што со службен пловен објект чамецот со малолетниците, кои се во добра здравствена состојба, безбедно се пренесени до брегот на езерото“, соопшти МВР.