Министерството за внатрешни работи денес во СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“-Скопје го промовираше новиот превентивен проект за превенција од зависностите од дроги и психотропни супстанци кај младите, под мотото – „Кажи не на дрогата, да на животот!“.
За проектот се изработени едукативно-информативни летоци и плакати наменети за младите, а полициските службеници преку директна комуникација со младите ќе работат интензивно во наредниот период, соопшти МВР.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека полицијата, односно Министерството за внатрешни работи, веќе години наназад преку своите организациони единици од областа на превенцијата, а во соработка со другите стручни служби во доменот на недозволената трговија со дрога и психотропни супстанци е целосно ангажирана и отворена за соработка во квалитетната едукација и заштита на нашите деца од опасностите и пороците на зависностите од дроги.
Министерот Спасовски потенцираше дека покрај работењето на превентивен план, се продолжува и интензивната борба за сузбивање на нелегалната трговија со дрога.
„Нашата полиција во првото полугодие од 2023 година откри 372 кривични дела од областа на недозволена трговија со дроги и психотропни супстанци при што кривично беа пријавени 440 сторители. Притоа во овие активности запленети беа 286 килограми марихуана, три килограми кокаин, седум килограми амфетамин, над 3.500 парчиња синтетичка дрога екстази, а дополнително беше разоткриена и лабораторија за производство на амфетамин, беа пресечени три транспортни канали за марихуана и сузбиени пет криминални нарко -трафикантски групи. Македонската полиција беше дел и од меѓународната акција која што резултираше со заплена на речиси 105 килограми кокаин во соседна Грција“, рече Спасовски.
Стратешката определба на македонската полиција е да биде реален и квалитетен сервис на граѓаните, согласно концептот наречен „community policing“ или познат и како “Полицијата во заедницата“, осмислен во соработка со мисијата на ОБСЕ во Република Северна Македонија.