Полицијата се поднови со чизми од по 5.390 денари за пар

by Fokus

Во магацините на МВР, врз основа на потребите на Министерството за внатрешни работи, согласно планот за материјално-техничко унапредување на условите за работа на полициските службеници, вклучително и специјалните единици на МВР, деновиве пристигна набавката од 8550 високи специјални чизми со врвен квалитет.

Од нив 550 пара се за припадниците на Единицата за брзо распоредување, а 8000 за останатите припадници на полицијата.

Вкупната вредност на набавката изнесува нешто над 46 милиони денари без вклучен ДДВ, односно со единечна цена на пар од  5390 денари без вклучен ДДВ.

Од МВР денеска соопштија дека со ова се комплетираат испораките од спроведените јавни набавки на униформа во 2021 година, а се дел од инвестициите во полицијата коишто важат како најголеми по опфатот на служби досега.

– Вкупно реализираните 10 милиони евра инвестиции во униформи покажуваат дека ова раководство на МВР, предводено од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, е решено драстично да ги подобри условите за работа по највисоки европски и светски стандарди на опременост на полициските служби, се наведува во соопштението.

Во изминатиот период се распределени 16.000 летни и зимски панталони и здолништа, ремени и 8.000 зимски јакни. Претходно, се подвлекува во соопштението, сите организациони единици добија униформи, при што униформираната полиција доби по 10.000 пара полувисоки чевли, како и чевли со подебел ѓон, по 10.000 кошули зимски и летни, со долг ракав и со краток ракав, по исто толку летни и зимски капи и ремени, 6.950 машки и 1050 женски маици со кратки ракави со јака. Приправниците добија 670 комплети униформи, а обезбедени се и 2.330 парчиња флоуресцентни елеци.

За Одделот за заштита на определени личности и објекти во рамки на БЈБ, потсетуваат од МВР, обезбедени се 427 цивилни одела и по 427 цивилни кошули и обувки, а униформи и опрема за воздухопловен персонал доби и Хеликоптерската единица кој се состоеше од зимска летачка јакна и заштитен комбинезон.

Покрај ова, направени се низа набавки на нови, современи, технички средства за секојдневно работење полицијата, дел обезбедени преку донации, а дел од сопствени средства на Министерството, почнувајќи од техничка опрема за комуникација, софтверска, хардверска и лабораториска опрема, возила, звучна и светлосна опрема и сл.

Поврзани новости