Кога Сашо Мијалков веќе сам не ја исполнил законската обврска да го пријави оружјето што го поседува со дозвола кога завчера ја напуштал државата, тогаш пиштолот на скопскиот аеродром морала да го открие полицијата, со оглед дека аеродромите се третираат како граничен премин и затоа таму е анражирана граничната полиција.
Како што велат упатените со кои разговаравме, откако ја објавивме веста дека Мијалков бил приведен на белградскиот аеродром поради тоа што носел пиштол, пасошката контрола на патниците е под ингеренции на полицијата, како и претресот на патници и следење на багажот кој задолжително мора да помине низ скенер-машината.
– Мијалков, без разлика дали патувал регуларно или низ ВИП преминот, морал да ги помине сите контроли, меѓу кои и рендген-проверката на неговиот багаж. Ако тоа е сторено, пиштолот морало да биде забележан. Прашање е дали полицијата замижала, или, пак, воопшто не бил проверуван патникот – коментираат полициски функционери.
Во насока дека најверојатно се случило второто, потврдува изјавата на еден од српските полицајци дадена за медумите во Белград дека Мијалков се оправдал оти го имал заборавено пиштолот и дека во Скопје не го претресувале.
Фокус испрати прашања до МВР за да ни се објасни чиј е пропустот на скопскиот аеродром и дали ќе се испитува ли нечија одговорност? Исто така, испративме и порака преку Илија Димовски од ВМРО ДПМНЕ со барање Мијалков да ни одговори на некои прашања во врска со неговото патување со пиштол.