Полицијата ја набљудувала поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска за не го напушти живелиштето, односно Скопје, бидејќи судот ѝ имал определено ваква мерка во еден од другите случаи кои се водат против нејзе, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во вечерашното гостување на ТВ 24, еден ден откако Јанкулоска беше спроведена во затвор на издржување на затворската казна.
Според него со ваквиот начин на постапување, празнините кои постојат во системот при извршувањето на санкциите се пополнети, за да не дојде до злоупотреба на овие празнини, што беше случај со поранешниот премиер, Никола Груевски кој избега во Будимпешта додека полицијата го бараше за да му го даде упатниот акт за во затвор.
-Имавме набљудување кое го вршиме врз основа на Закон за полиција, има мерка од судот забрана за напуштање на живеалиштето. Набљудувањето се врши секогаш по проценка на полицијата врз основа на Законот за полиција и издадена наредба, рече Спасовски.
Полицијата како што изјави имала многу оперативни сознанија за Јанкулоска, и врз основа на тие сознанија се преземале мерки. Но, Спасовски не откри дали имале сознанија за евентуално бегство на Јанкулоска.
Како што објасни Спасовски, Јанкулоска била спроведена во затвор по наредба на судија за извршување на санкции веднаш откако во Кривичниот суд стигнала пресудата на Врховниот суд. За Јанкулоска веќе имаше упатен акт кој само се активираше и според Спасовски, таа ги искористила сите правни лекови за одложување на затворската казна.
Адвокатот на Јанкулоска, Сања Алексиќ денеска во изјава за медиумите тврдеше дека на Јанкулоска и биле оставени само десетина минути да се подготви и дека и било скратено правото да бара повторно одложување на казната, права кои и ги овозможувал Законот за извршување на санкции.
-Наредбата која беше издадена гласи веднаш да се приведе лицето тоа и тоа. Оставен е одреден простор од некаде половина час за да се подготви, рече Спасовски.
Јанкулоска вчера беше спроведена во затворот во Идризово каде почна да ја издржува четиригодишната затворска казна за случајот „Тенк“, за набавката на лускузниот „Мерцедес“ за Груевски.