Полиција упадна во црквата Христово Воскресение во Подгорица

by Fokus

Припадници на црногорската полиција упаднаа синоќа во Соборниот храм Христово Воскресение во Подгорица, во обид да го приведат архијерејот Мирчета Шљиванчанин, но биле спречени од верниците, објави порталот ИН4С.

– Очекуваме полицијата повторно да се врати штом народот замине, изјави подгоричкиот парох Предраг Шќепановиќ.

Ниту еден друг црногорски медиум не ја објави оваа информација.

Според порталот, во Будва веднаш по литијата бил приведен свештеникот Борис Радовиќ. Се додава дека во Плевља по одржаниот молебен на разговор во полиција биле повикани арихијерејот Саша Јањиќ и професорот Бојан Струњаш.

Во меѓувреме, полицијата соопшти дека синоќа повикала повеќе свештени лица од Српската православна црква во Црна Гора во безбедносни центри во Подгорица, Даниловград и Будва, бидејќи на литиите присуствувале повеќе од 200 граѓани.

– Свештениците се повикани да дадат изјави во врска со јавните собири, спротивни на мерките од Националното координативно тело за заразни болести, соопшти полициската управа.

Во повеќе црногорски градови синоќа се одржаа литии во знак на протест поради спорниот Закон за слобода на вероисповед, кој кон крајот на 2019 година е усвоен во црногорскиот Парламент.

Поврзани новости