Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ можат да се забележат неколку проекти во делот на безбедноста кои би се спровеле до крајот на годината. Па така, на листата се наоѓаат проекти со имиња „Како сте?“, „На кафе со граѓаните“, „Нови згради нови жители“ и слично.
Колку за пример, проектот „На кафе со граѓаните“ подразбира дека граѓаните ќе можат да си поканат полицаец на гости, да испијат кафе и притоа да се информираат за нивната безбедност и да си ги кажат своите поплаки. Сличен е и проектот „Како сте?“, со таа разлика што во проектот ќе бидат инволвирани постари лица кои живеат сами. Водичите на безбедносниот регион ќе ќе ги посетуваат старите лица еднаш месечно, ќе ги прашуваат како се и ќе ја проверуваат нивната безбедност.
Според програмата на владејачката партија, граѓаните ќе имаат и можност да патролираат заедно со полицијата. Во проектот наречен „Соседска патрола“ (нешто налик на старо познатата „селска стража), заинтересираните граѓани заедно со полицијата во нивните маала ќе можат да патролираат и да придонесуваат за поголема безбедност.
Преку проектот „Дали возам безбедно“, на задниот дел на автобусите и на возилата за транспорт на стока, ќе има самолепливи ознаки на кои ќе го пишува следното: „Дали возам безбедно? Ако не, Ве молам јавете се на телефонскиот број…“. Овој проект би бил наменет за неодговорните возачи.