Полицајката Јасмина Јаначкова, која минатата недела беше нападната од Беќир Асани, затоа што му пишувала пријава за погрешно паркирање, денеска во Јавното обвинителство во Скопје даваше исказ за настанот.
По разговорот во Обвинителство, кој траеше околу еден час, Јаначкова одби да даде изјава за медиумите.
Обвинителство поведе постапка за случајот откако МВР покрена прекршочна постапка за Асани за нарушување на јавниот ред и мир. Случајот предизвика интерес во јавноста затоа што сведоци кои се нашле на местото на настанот, излегоа со тврдење дека Асани не само вербално туку и физички ја нападнал полицајката.
И покрај тоа официјалните информации од МВР се дека Јаначкова се повредила удирајќи се сама од пајакот. Од тие причини произлегоа бројни сомневања за можно прикривање на делото, а дел од стручната јавност смета дека Асани треба кривично да се гони.