Полицајка на возраст од четириесетина години и мајка на четири деца која работела во полициската станица Шамбери во францускиот регион Рона-Алпи е убиена денеска на сред улица во село во Савој. Нејзиниот поранешен партнер, кој е осомничен за убиство, моментално е во бегство.
Како што пренесуваат француските медиуми, злосторството се случило утринава откако полицајка оставила дете во градинка во село, во близина на Шамбери, додека не била на должност. На местото на настанот излезе и обвинителот.
Осомничениот маж (51) со кој имала две деца, ја убил со „тап предмет“, најверојатно бејзбол палка, изјави еден од изворите вклучени во истрагата. Мажот, кој имал историја на насилство, побегнал и во моментов по него се трага.
– Шокирани сме. Таа вообичаено се занимавала со поплаки и досиеја на работа, меѓу другото и за семејно насилство. Таа помогна да се одбрани општеството и на крајот стана негова жртва – рече Фабрис Галатиото, национален секретар на југоисточната зона на синдикатот на полициската единица.
Според него, осомничениот имал историја на малтретирање, закани и напади.
Бројот на убиства на жени во Франција во 2021 година пораснал за 20 отсто во однос на претходната година, при што 122 жени биле убиени од удари од сопружниците или бившите сопружници, покажуваат најновите податоци на МВР.