Полицаец од станицата во Ресен сведочеше на денешното судско рочиште за случајот „Титаник“, односно за изборните нерегуларности, за што обвинет е екс премиерот Никола Груевски и високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ.
Сведокот Дитурим Сулејмани, објаснувајќи ја постапката за примање и издавање на лични карти, рече дека процедурата кога била или не била запазена, зависело од горе како ќе им се каже.
– Дојде еднаш шефица Лилјана Котиќ и ми рече дека се јавила началничката Надица по телефон и дека кажала сите барања за лична карта што ќе дојдат без разлика дали се комплетни или не да бидат примени. Јас реагирав, по што ми рекоа дека тоа не е моја работа. Така рекоа од горе, рече сведокот Сулејмани.
Сите овие лица беа сликани, објасни сведокот, нагласувајќи дека имало случаи каде 50-60 лица имале договор за иста адреса, а доаѓале од Пустец, Албанија.
– Кога рагирав дека нема услови за живеење на толку луѓе на едно место, веднаш ми се јави началничката и ми рече дека не е моја работа дали имаат услови за живеење или не, и дека моја работа е да ги примам барањата, изјави сведокот Сулејмани.
Во 2012 година имаше списоци, рече сведокот, со лица потпишани од градоначалникот Едмонд Темелков, што беа доставувани до МВР, од каде беа пуштени кај нашата шефица и потоа ми беа дадени да ги процесирам.
– Имаше и мобилна станица, наменета за сликање инвалиди и неподвижни лица, а се користеше и за други работи, што е противзаконски, рече сведокот Сулејмани.
На прашање од обвинетиот Илија Димовски, дали лицата за кои зборува пред да ја започнат постапката за лична карта поседувале државјанство, сведокот рече да.
Прашан дали барањата биле целосно комплетирани од надлежните, сведокот одговори потврдно, чекавме да се комплетираат, но пред време ги сликавме.
Во однос на тоа дека мобилните станици согласно закон можеле да се користат за сликање во странство на лица со македонски пасош, сведокот рече да, меѓутоа лицата доколку беа во Албанија можеше да се сликаат таму, но тука не.
Предметот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова.
Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Случајот го отвори СЈО, за потоа да го преземе државното Јавно обвинителатво, а случајот повторно беше распределен на јавната обвинителка Лиле Стефанова. МИА