Полициски службеник, кој не бил на должност, синоќа бил нападнат, заедно со двајца негови пријатели, при што пукал со службениот пиштол во воздух за да се одбрани.
Од МВР даваат детали за инцидентот.
-Ноќеска од слобода се лишени Н.Б. и Е.Б. и задржани во полициска станица затоа што заедно со уште неколку лица околу 01 часот на ул. Х.Т. Карпош во Скопје, во близина на клучка Радишани, физички ги нападнале П.П. (полициски службеник кој не бил на работа), Д.К. и Ф.Г..
Според пријавеното, Н.Б., Е.Б. и М.С., кои биле со возило „бмв“, како и неколку лица кои биле со возило „цитроен“ му го блокирале патот на возилото „рено“ во кое биле П.П., Д.К. и Ф.Г. и почнале да удираат по возилото и физички ги нападнале.
Потоа П.П. испукал неколку пати во воздух од службениот пиштол, по што лицата кои биле со возило „цитроен“ се дале во бегство, појаснуваат од МВР.
Оттаму додаваат дека на нападнатите им е пружена лекарска помош во Клинички центар Скопје.
-Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот, додаваат од МВР.