Јас одговорно ви тврдам дека повеќето од луѓето кои ги носат законите кај нас веќе користат канабис. Се случувало полицаец кој користи канабис да ме апси за канабис. Тоа мора да престане. Властодршците мора да знаат дека марихуана во Македонија се користи. И тоа на ангро, тврди активистот Филип Достовски од невладиниата организација Зелена алтернатива.
Повеќе граѓански здруженија денеска побараа итна декриминализација на поседување и лична употреба на канабисот, но и на негово одгледување за лична употреба. Тие посочија дека со забрана за користење на канабисот се кршат човекови права и токму затоа потребна е измена и дополнување на Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци.
Освен декриминализација за лична употреба, здруженијата Зелена Алтернатива, ЗНАМ, ХОПС, Коалиција Маргини и Хелсиншки комитет за човекови права бараат да се овозможи основање и работење на социјални клубови.
Исто така, и да се зголеми бројот на здравствените состојби за кои може да се користат препарати од канабис согласно медицината базирана на докази, да се дозволи лекари освен од јавното и од приватното здравство да препишат препарати од канабис и да се дозволи можност пациентот кој добил препорака за лекување со препарати од канабис да може сам да си одгледа и користи во форма во која најмногу му одговара за неговата состојба.